Црногорската полиција спроведе голема акција против организираниот криминал во Подгорица, во која е уапсен 24-годишниот Лука Тодоровиќ, осомничен дека е поврзан со високоризична организирана криминална група.
При контролата и претресите на повеќе локации биле пронајдени над 4,2 килограми наркотични средства. Меѓу запленетата дрога имало околу еден килограм кокаин, приближно 3,2 килограми марихуана и 190 таблети МДМА, позната како екстази.
Од Управата на полицијата на Црна Гора информираа дека акцијата била насочена кон сузбивање на организираните криминални групи, спречување на нелегалната трговија со дрога и откривање лица поврзани со уличната дистрибуција на наркотични средства.

Според полицијата, Тодоровиќ бил приведен по наредба на државен обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица. При првичната контрола кај него била пронајдена поголема пластична кеса со три пакувања во кои имало околу еден килограм кокаин.
По налог на надлежниот суд, полицијата извршила претреси на повеќе објекти и возила што ги користел осомничениот, меѓу кои и семејната куќа во местото Рогами.
Во рамките на акцијата биле одземени и шест автомобили. Меѓу нив имало и блиндирано возило „ауди“, а полицијата дополнително ќе ги проверува неговите регистарски ознаки. При претресите биле пронајдени и дигитални ваги, како и поголема сума пари. Надлежните дополнително ќе утврдуваат дали парите потекнуваат од нелегални активности.
Истрагата продолжува за целосно расчистување на случајот и за утврдување на евентуалната улога на Тодоровиќ во мрежи поврзани со организиран криминал.
