Црногорските власти понудија награда од 500.000 евра за информации што би помогнале во лоцирањето и апсењето на Радое Звицер (42), кој е идентификуван како еден од водачите на криминалниот Кавачки клан.
Лицето што ќе достави информации што ќе придонесат за неговото пронаоѓање и лишување од слобода ќе има загарантирана анонимност. Звицер со години е во бегство, а за него е распишана црвена меѓународна потерница преку Интерпол.
Црногорското Министерство за внатрешни работи потсети дека Звицер се бара поради основано сомнение за повеќе кривични дела, меѓу кои убиство, трговија со дрога, нелегално поседување оружје и експлозивни материјали и перење пари.
„Министерството за внатрешни работи на Црна Гора јавно ветува парична награда од 500.000 евра за информации и информации што содржат точни податоци релевантни за директното лоцирање, пронаоѓање и лишување од слобода на Радое Звицер (42), државјанин на Црна Гора, за кого е распишана црвена меѓународна потерница преку Интерпол“, се наведува во соопштението.
Од Министерството појаснија дека известувањето ќе се смета за веродостојно доколку содржи точни и проверливи информации со кои може да се овозможат неговото лоцирање и апсење. Дополнително, информациите треба директно да придонесат за оперативните активности на полицијата и да бидат од одлучувачко значење за успешното апсење.
Одлуката за исплата на наградата ќе ја донесе Владата на Црна Гора, на предлог на Министерството за внатрешни работи. При одлучувањето ќе се зема предвид и принципот на правичност, а целосно ќе бидат заштитени информациите за лицето што го доставило известувањето, вклучително и неговиот идентитет.
Право на наградата нема да имаат лица кои ќе достават информации со кои црногорската полиција веќе располагала. Од исплатата се исклучени и полицајци, членовите на нивните потесни семејства, како и лица по кои е распишана меѓународна потерница.
Звицер со години се идентификува како еден од водачите на криминалниот Кавачки клан и важи за еден од најбараните бегалци од Црна Гора. Во мај 2020 година бил тешко ранет во обид за убиство во Киев.
Црногорското обвинителство го поврзува Звицер со низа тешки кривични дела и активности на организирани криминални групи.
