Ново рочиште за двојното убиство на Вања и Панче – Манев со грозоморно сведоштво
Обвинетиот Велибор Манев со грозоморно сведоштво. На денешното рочиште за двојното убиство кое ја потресе јавноста, второобвинетиот Велибор Манев даде исказ во Кривичниот суд, откривајќи нови детали за грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања и Панче Жежовски.
Манев: „Не знаевме дека е дете“
Според сведоштвото на Манев, планот бил да се грабне ќерка на фармацевтски бизнисмен на возраст од 40 години, а од откупот секој требало да добие по 150 илјади евра.
„Палевски ни кажа дека ќе киднапираме возрасна жена, а не дете. Утрото кога ја чекавме во зградата, ја ставивме во вреќа за спиење, ја врзавме и ја префрливме во багажникот. Дури кога го отворивме багажникот кај ‘Оризова дупка’, сфативме дека е дете,“ сведочеше Манев.
Тој додаде дека Палевски ја прашал девојчето за нејзиното име и родители, а потоа наредил да ја фотографираат за да бараат откуп.
„Кога му реков да ја пуштиме, ми рече да не се секирам, дека ќе поделиме пари. Потоа ѝ пријде и преку перниче со пиштол ја застрела во главата,“ рече Манев.
Убиството на Панче Жежовски
Манев сведочеше и за ликвидацијата на Панче Жежовски, која се случила неколку дена претходно. Првичната намера била да го грабнат за да му го одземат автомобилот, но Палевски го одвел во претходно ископана дупка и таму го застрелал во главата.
Следни чекори во судскиот процес
На следното рочиште, останатите обвинети ќе имаат можност да му поставуваат прашања на Манев преку вкрстено испрашување. Обвинителството, пак, смета дека неговиот исказ е различен од оној даден во истрагата.
Манев со грозоморно сведоштво ја шокираште македонската јавност. Случајот продолжува да ја шокира јавноста, додека судот ги разгледува доказите и сведочењата во процесот против обвинетите.
Извор: Плусинфо