Ели Панова, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за Алсат телевизија, а по повод 36-тиот роденден на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, истакна дека поддршката од граѓаните е показател за нивното задоволство од работењето на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека партијата денес не одбележува само роденден, туку и 36 години посветеност и борба за македонските национални интереси.

-Самиот тој факт кажува дека народот е задоволен од работењето на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е и еден од нашите постулати од самото формирање. Ние денес не славиме само роденден на една политичка партија, тоа се 36 години посветеност, 36 години борба за македонските национални интереси. Биле тешки моменти, моменти во коишто сите мислеле дека нема излезност, но од друга страна ние сме се издигнале посилно од било кога и секогаш наш единствен интерес бил народот и тоа што тие го сакаат. За краток период од две години сметам дека направивме доста. Секогаш може повеќе и секогаш може подобро, но ние се стремиме токму кон тоа. Токму поради тоа денес славиме заедно со народот којшто ни избрал да бидеме дел од Владата, да бидеме дел од парламент, да бидеме дел од институциите, ако потекнуваме од народот, треба да работиме за народот и само така можеме да успееме да одиме напред, рече Панова.

Панова истакна дека едно од клучните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ било испраќањето на ДУИ во опозиција, оценувајќи дека со тоа Албанците биле ослободени од, како што рече, долгогодишен и репресивен систем на владеење. Таа нагласи дека Владата работи подеднакво за сите граѓани, посочувајќи ги инвестициите во образованието и инфраструктурата.

-Една од основните и првите работи коишто ја направивме кога дојдовме на власт ДУИ ги испративме во длабока опозиција. Тоа беше наше ветување и практично Албанците ги ослободивме од едно долгогодишно владеење на еден систем создаден од страна на ДУИ, којшто и ние денес сметаме дека бил репресивен и на одреден начин негативен за нив. Сметам дека работиме подеднакво и за Македонците и за Албанците, затоа што и Македонците и албанските деца денес имаат учебници во училиште, и Македонците и Албанците ќе се возат и се возат низ патиштата коишто ние ги градиме, рече Панова.