Во Културно-информативниот центар – Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата на скулптури од Марјан Стојаноски насловена „Panta Rhei”. Изложбата ќе трае до 24 мај.
– Метал, време, космос, panta rhei… Последното ликовно достигнување на академскиот скулптор Стојаноски е насловено „Panta rhei“. Овој опус скулптури има современ призвук кој наликува на пат кон иднината, кон непознатото. Идејниот израз на авторот е отелотворен визуелно во метал. Делата поседуваат динамизам, тие се асоцијативно- ротирачки формации кои претставуваат рефлекс од едно друго време, рефлекс од безвременоста, рефлекс од вселената. Кругот, неговата моќ и неговото симболистичко сфаќање раскажуваат за panta rhei. Феникс, повторно раѓање, издигнување од пепелта е наративно пораката што ја носи оваа изложба. Стојаноски е патник низ времето, тој волшебно ја менува својата стварност оставајќи траг кој сведочи за творечка физиономија создадена во духот на новото време, истакнува уметницата Мирјана Крстева Массетти за изложбата на Стојаноски.
Марјан Стојаноски е роден во Прилеп во 1983 година. Средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски” во Скопје, по што се дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на Друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП). Во 2015 година ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул” од друштвото на ликовни уметници од Прилеп. Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби. Живее во Прилеп, каде што работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков”.