Папата Лав XIV соопшти дека во наредните денови ќе биде подложен на медицинска интервенција на белите дробови. Лекарите откриле „мало јазолче во рана фаза“ при неодамнешен преглед и му препорачале операција, објави папата по традиционалната неделна молитва.

Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, појасни дека зафатот е планиран за првите денови од следната недела. Се очекува закрепнувањето да трае една недела. Бруни не откри во која болница ќе биде примен папата. Медиумите шпекулираат дека тоа би можела да биде повеќепрофилната клиника „Џемели“ во Рим, каде што има посебен папски апартман.

Лав XIV има 71 година. Тој беше избран за папа минатата година, на конклавата по смртта на папата Франциск, кој имаше повеќе здравствени проблеми, меѓу кои и со белите дробови, потсетуваат медиумите.

Досега папата Лав XIV беше во добра физичка состојба и не беа познати негови здравствени тегоби. Тој веќе оствари неколку долги патувања во странство, а од 6 до 17 ноември треба да ги посети Уругвај, Аргентина и Перу. Засега не е познато дали операцијата ќе влијае врз планираната турнеја.

Пред да ја објави веста за операцијата, папата ја одржал неделната молитва, а потоа се сретнал со членови на религиозното здружение „Братство на Господарот на чудата“, едно од најголемите и најзначајните католички здруженија во Перу. На средбата ја спомнал планираната посета на Перу и им се заблагодарил за молитвите.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони му изрази лична поддршка на папата, како и поддршка од нејзината влада, пред претстојната интервенција.

„Ведрината и смиреноста со кои тој зборуваше за време на неделната молитва нè охрабруваат сите“, изјави Мелони.