-Градот најдиректно ги почувствува негативните последици на бројните ризици на живеењето во денешнината. Покрај активната пандемија на корона вирусот, Кочани беше погоден и од неконтролирани пожари кои претставуваа непосредна закана и опасност по имотот и животите на граѓаните. За жал, бевме сведоци дека во елиминирањето на таквата опасност целосно изостана навремената, координирана и потребна акција. Затоа, потребни се промени за успешно справување со ваквите ситуации. Нудиме изработка на сеопфатна стратегија за управување со разните современи ризици, а ќе предложиме и формирање на посебно тело на советот на општината за управување со кризи, во кое предвидуваме да членуваат експерти во своите области, рече Папазов.
Папазов најави низа на проекти кои ќе ги реализира за време на 4 годишниот мандат, меѓу кои како приоритетни уредување на Кочанска река по целата должина во градот, и изградба на два нови сообраќајни мостови со што комуникацијата од двете страни на реката ќе биде многу побрза и побезбедна.
-Воведуваме и регистар на загадувачи на природата (водата, почвата и воздухот) и само така добиваме вистински патоказ за тоа какви мерки треба да се дизајнираат за ефективно и системско решавање на проблемот со загадувачите. Нудиме реализирација и на бројни проекти од комуналните работи и инфраструктурата, ефикасен и интегрален пристап во планирањето на урбанизацијата со донесување на детални урбанистички планови за поквалитетен и подинамичен урбан развој, кажа Папазов.
Тој најави дека ќе се обезбедат и услови за локален економски развој.
-Ќе формираме постојан економски совет од докажани професионалци на волонтерска основа за промоција на условите за инвестирање. Ја збогатуваме и туристичката понуда преку целосна доизградба на неопходната инфраструктура на Пониква, посочи Папазов.
Кандидатот за градоначалник на Кочани рече дека ќе се води и посебна грижа за човечкиот потенцијал, за младите, за спортот.
-Обезбедуваме нови можности за поголемо искористување на фондовите за образовна мобилност, со што се збогатуваат и модернизираат искуствата и знаењата на наставниот кадар и учениците. Младите добиваат поддршка преку унапредување на работата на Младинскиот совет на општината, а својата иновативност со потенцијал за ставање во функција на економски развој ќе добијат со формирањето на бизнис инкубаторот – модерен услов за развој на старт-ап компании. За спортот обезбедуваме нови услови преку изградба на градска спортска сала и поголемо искористување на постоечките објекти, вели Папазов.
Тој најави дека ќе се отворат два нови клонови на детската градинка, во село Тркање и еден заеднички за селата Горни и Долни Подлог и Мојанци.
Папазов повика на 17 октомври граѓаните да дадат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за да победи како што рече модерно Кочани.
-Верувам и ветувам дека со практикувањето на чесно и одговорно управување ќе придонесеме за создавање на квалитетни услови за нова, модерна, сигурна и перспективна иднина на граѓаните на општина Кочани. Дајте силна поддршка на промените и проектите за нови победи. Победи за модерно Кочани. Победи за успешно и гордо Кочани, порача Папазов.