Надворешната политика на Македонија по 2 години почна да дава резултати во однос на најгорливото и најпонижувачко прашање – односите со Бугарија и нејзиното насилничко вето во ЕУ. Инсистирањето на Македонија, Софија да ги почитува одлуките на Судот за човекови права во Стразбур, преку притисок од Советот на Европа и неговото извршно тело Комитетот на министри веќе дава конкретни резултати.
Ако досега на Софија ,,око не и трепнуваше‘‘ за дури 16 пресуди во корист на Македонците од Бугарија, македонското лобирање во Советот на Европа придонесе повеќе да не поминуваат разните измами со кои се служеше Бугарија за одлуките на судот. Најчесто со плаќање казна, ветување дека ќе спроведе пресуда, а во суштина тивко и без многу врева ставање на македонското прашање ,,под тепих‘‘.
Но, судејќи според последните изјави на ВД бугарската претседателка Илијана Јотова, по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берое, Софија е ставена во клинч од каде нема повеќе бегање.
Прв пат бугарскиот државен врв јавно зборува за здружување на Македонците, прв пат за регистрација на ОМО ,,Илинден-Пирин‘‘, прв пат за спроведување на пресудите од Стразбур. И најважно, прв пат не го прави тоа премолчено, туку претседателката на државата признава дека угледот на Бугарија е загрозен.
Се разбира, согласно бугарската политика, Јотова повторно се обидува со апсурдно образложение – недостасува ливче, да го оправда одбивањето на регистирањето на ОМО Илинден Пирин, но тоа во Стразбур веќе не поминува. Нејзината изјава јасно укажува дека во Бугарија има системско угнетување на Македонците и нивното право на здружување. Па сега Јотова зборува дека Бугарија ги исполнила препораките што ѝ биле дадени и во координација со Агенцијата за впишување го изменила законодавството за да овозможи регистрација на здруженијата.
А, зошто досега не бил променет законот, зошто досега се вадеа на судски одлуки, зошто досега за нив организирањето на Македонците беше загрозување на националната безбедност? Јотова всушност признава дека самата држава, членка на ЕУ и НАТО ги угнетува своите граѓани, само затоа што не се чувствуваат Бугари, и им го ускратува основното човеково права да се изјаснат, кои се, на кој јазик зборуваат и слободно да се здружуваат.
Ако досега одолговлекуваше, сега на Софија и се брза. Јотова бара Советот на Европа да го заврши надзорот над извршувањето на пресудите поврзани со ОМО „Илинден-Пирин“, тврдејќи дека Бугарија ги направила потребните законски измени за организациите на македонско малцинство да можат да се регистрираат, но, Стразбур не и верува. Барем додека не види дека тие официјално се регистрирани и слободно делуваат.
Сега и на Судот и на Советот на Европа им е јасно дека не се работи за ,,ливче што недостасува‘‘ за регистрирање на здруженијата, туку за системско повеќедецениско неоправдано одбивања на бугарските судови да регистрираат здруженија на Македонците. Одбивање само затоа што се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија, малцинство кое во ерата на комунизам на Димитров постоело, а потоа систематски задушувано и прогонувано уште од времето на живковизмот. Иако од ОМО Илинден-Пирин се скептични и сметат дека бугарските судови повторно ќе бараат ново и ново, како што вели Јотова ,,ливче‘‘ (документ) за регистрација, сепак нивните победи во судот во Стразбур би требало да се пренесат и во администрацијата во Бугарија. Посебно што Јотова оцени дека предметите поврзани со ОМО „Илинден-Пирин“ се користат против Бугарија и се обиде да го одвои прашањето од македонско-бугарскиот спор околу пристапувањето на Македонија во ЕУ.
А, токму тоа и го бара македонската влада – почитување на одлуките на Стразбур од страна на Софија, со што ќе има и реципроцитет во малцинските прашања. Очајно звучи обидот на Јотова случајот со Ива Михаилова да го стави на дневен ред на средбата со генералниот секретар Берое. За него Советот на Европа не разгледува случаи како тој со Михаилова ако не задираат во повисоки .прашања. Берие всушност прави дистинкција на единечен случај на кривично-правен настан кој се процесуира во домашното законодавство, како тој на Михаилова, со системско угнетување и негирање на една цела етничка група, како што го прави Софија со Македонците во Бугарија.
ПС. Бугарија никако да се одлучи дали проблемот на македонските евроинтеграции е билатерален со Софија или е проблем на Брисел. Ако тврдат дека Скопје има услов кој треба да го реши со 27 земји членки на Унијата, тогаш логично изгледа барањето на премиерот Мицкоски, Европската Унија директно да биде присутна во разговорите со Софија за усогласување на акцискиот план за малцинствата, кој иако изготвен од експерти од ЕУ, токму Софија не го прифаќа. Нема веќе ставање на работите ,,под тепих‘‘, оти тепихот е отстранет!
