Сите магистрални и регионални патни правци низ државата се проодни, а сообраќајот се одвива во зимски услови, со остатоци од кашест снег на коловозите, информираат од Центарот за управување со кризи по прегледот на состојбата на терен. Во моментов нема забрани за движење, а екипите на ЈП „Македонија пат“ се максимално ангажирани за дополнително расчистување и проширување на коловозите.

Во Тетовскиот регион патните правци во градот и населените места на пониска надморска височина се целосно исчистени, додека механизацијата е упатена кон повисоките планински населени места. Без електрична енергија се Попова Шапка, како и селата Лисец и Гајре. Во Општина Брвеница сите регионални и локални патни правци се проодни, вклучително и патот до селото Гургурница, но без напојување со струја останаа селата Горен Челопек, Долен Челопек и Милетино. Во општините Јегуновце, Желино и Теарце сообраќајот се одвива редовно и без пријавени проблеми, додека во Боговиње се расчистува кон селата Урвич и Јеловјане, а прекин на струјата има во Камењане, Палчиште и Калник.

На подрачјето на Општина Гостивар патиштата во градот и пониските места се исчистени, а надлежните екипи интервенираат кон повисоките планински предели каде што проодноста се очекуваше во попладневните часови. Голем број села во овој регион се соочуваат со прекин на струјата, меѓу кои Вруток, Ново Село, Цветково, Церово, Речане, Беловиште, Здуње, Градец, Горна и Долна Бањица, Сушица, Ѓоновица, Куново, Трново, Трница, Врбјане, Сенче, Волковија, Нистрово и Белица. Во Општина Врапчиште се расчистува кон селата Ѓурѓевиште, Врањовце и Ломница, додека во Мавровскиот дел, каде што има поголемо количество снег, службите континуирано интервенираат, наспроти Ростушкиот дел каде снежната покривка е од три до четири сантиметри.

Во Кумановскиот, Кривопаланечкиот и Кратовскиот регион патната мрежа е целосно функционална, а зимските служби вршат расчистување и посолување. Експресниот пат до граничниот премин Деве Баир е целосно прооден, како и правците кон Калин Камен, Конопница и Дурачка Река, додека расчистувањето на планинските села во Крива Паланка продолжува и во текот на утрешниот ден. Во Кратово снежната покривка изнесува околу 5 сантиметри, а во селото Мушково достигна 15 сантиметри, поради што таму сообраќајот се одвива со теренски возила. Од Водостопанство „Кумановско-Липковско Поле“ посочуваат дека нема опасност од излевање на реките во Куманово, Липково и Старо Нагоричане.

На подрачјето на Скопскиот регион сообраќајот се одвива во зимски услови по влажни коловози и кашест снег, а локалните екипи постојано фрлаат сол на терен. Во Штипскиот, Охридскиот и Струмичкиот регион патиштата се чисти и проодни со влажни коловози, додека во Битолско има остатоци од кашест снег. Во Велешкиот регион се бележат врнежи од снег и дожд што брзо се топат, а на повисоките места снежната покривка достигна околу 10 сантиметри, каде надлежните служби веќе вршат посипување со сол и ризла.

Центарот за управување со кризи соопшти дека оперативниот центар 112 е во деноноќна готовност и континуирано ги препраќа сите пријави од граѓаните до надлежните службени лица.

„Апелираме до граѓаните, доколку се соочат со блокирани патишта, отежнато одвивање на сообраќајот, поплави или други итни ситуации, да го контактираат единствениот број за итни повици 112“, соопштија од Центарот за управување со кризи.