Во првото тримесечје од 2026 година во Македонија биле евидентирани 707.385 вработени лица, наспроти 691.736 во второто тримесечје од 2024 година, соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција на партијата. Според него, официјалните податоци за пазарот на трудот покажуваат позитивни поместувања и ги потврдуваат ефектите од економските политики што ги спроведува Владата.
„Тоа значи дека денеска во Македонија има близу 17.000 повеќе вработени лица“, рече Стојаноски.
Тој посочи дека стапката на невработеност е намалена од 12,5 на 11,3 проценти, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти.
„Ова не се политички процени, туку официјални податоци од Државниот завод за статистика“, истакна Стојаноски.
Според него, бројките покажуваат дека се отвораат нови можности за младите, за невработените и за граѓаните што сакаат да започнат сопствен бизнис. Тој нагласи дека резултатите се поддржани со активни политики на пазарот на трудот, поддршка за домашните компании и привлекување нови инвестиции.
„Оперативниот план за вработување за 2026 година е вреден речиси 40 милиони евра и предвидува опфат на повеќе од 10.000 лица“, рече тој.
Од вкупниот износ, како што посочи Стојаноски, повеќе од 32 милиони евра се наменети за создавање нови работни места. Посебен акцент, според него, е ставен на младите.
„Со Оперативниот план е предвидено вклучување на речиси 6.000 лица до 29 години“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека за околу 3.500 млади лица до 23 години, вработени во производствени капацитети, е предвиден младински додаток од 3.000 денари. Преку обуки, практикантства, преквалификации и мерки за стекнување нови вештини, младите, според него, ќе добијат подобри можности за полесно вклучување на пазарот на трудот.
Стојаноски рече дека преку мерката за самовработување и претприемништво се очекува отворање на повеќе од 2.000 работни места. Дополнително, преку мерката за поддршка за креирање нови работни места треба да бидат опфатени уште над 1.500 лица.
„Само преку овие две мерки се обезбедува директна поддршка за повеќе од 3.500 нови вработувања“, посочи тој.
Пратеникот потсети и на мерките реализирани во 2025 година, кога преку Програмата за самовработување со грант биле поддржани повеќе од 2.600 лица, од кои речиси 1.500 биле млади до 29 години.
„Како резултат на оваа поддршка беа отворени околу 2.200 нови деловни субјекти“, рече Стојаноски.
Тој нагласи дека целта не е само статистичко намалување на невработеноста, туку создавање одржливи и подобро платени работни места.
„Не велиме дека сите проблеми се решени. Потребни се уште работа, инвестиции и реформи. Но денес имаме јасни показатели дека преземените мерки даваат резултати“, изјави Стојаноски.
