Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Бразилецот Пеле, изјави оти е среќен што вчера го прославил својот 82 роденден во добро здравје, и покрај здравствените проблеми со кои се соочуваше изминатите изминатите години.
-Пријатели мои од Бразил и од целиот свет. Среќен сум, многу сум среќен, што сум тука со вас и што Господ ми подари здравје да можам да ви заблагодарам на сите за сè што добив во животот, рече Пеле во видеопорака објавена на социјалните мрежи.
Прославениот бразилски фудбалер рече дека 82. роденден е „дар од Бога“ и на шега додаде оти се надева дека ќе живее уште толку години.
Пеле, кого многумина го сметаат за најдобар фудбалер на сите времиња, последните години имаше здравствени проблеми, а лекарите во Бразил лани му отстранија тумор од дебелото црево.
Пеле дебитираше за Бразил на 17-годишна возраст и со Кариоките освои три светски титули (1958, 1962, 1970).