Во разговор со дописничката на МИА од Атина, на крајот од дводневната, прва, историска официјална посета еден претседател на државава на Грција, кусо пред заминувањето за Скопје, претседателот истакнува дека посетата како таква покажа дека билатералните односи меѓу Македонија и Хеленската Република влегуваат во еден нормален тек, иако е само почеток на еден подолг процес во кој тој лично очекува дека „динамиката на политички односи на највисоко политичко ниво, премиерско, претседателско, министерско, ќе продолжи да се развива, меѓутоа темпото е ветувачко“.

Претседателот на Републиката открива дека Мицотакис, за билатералните односи коментирал дека се како „сѐ уште свежи рани“ во одредени сегменти на политичкиот спектар во Грција и вели дека од грчка страна немало никаков приговор за имплементацијата на Договорот од Преспа.

За упатената покана, грчката претседателка да оствари возвратна посета на Македонија, Пендаровски истакнува дека „начелно постои изразена волја и желба од нејзина страна да ја посети нашата држава“ што, според него, би била можност дополнително да се скрши мразот.

Во интервјуто, претседателот говори и за тоа дали постои единство во надворешната политика во Македонија, правејќи споредба со ситуацијата во Грција.

Шефот на државата во вторникот и средата беше во официјална посета на Грција, прва на највисоко државно ниво, беше пречекан со сите државни и воени почести, оствари низа средби, меѓу кои и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Интервјуто за МИА беше направено, кусо пред претседателот да замине од Атина, додека сѐ уште беше во тек Самитот ЕУ- Западен Балкан во Словенија и не беше познат исходот.

Претседателе, паралелно со Вашата посета во Грција се одржува и Самитот ЕУ- Западен Балкан, колку се важни ваквите иницијативи за надминување на бугарската блокада и отворање на патот кон одржување на првата меѓувладина седница?

Во овој случај не станува збор за некоја посебна иницијатива, станува збор за едно регуларно собирање на државите од Западниот Балкан со земјите членки на Европската Унија, што е пракса наназад со години. Меѓутоа, ова што во вашето прашање го споменувате, станува збор за неколку иницијативи, внатре во рамки на тој Самит, така да наречам, од држави пријатели на Западниот Балкан, не само на Северна Македонија, кои се обидуваат некако да креираат амбиент во кој ќе може да се дојде до пробив во однос на овој познат спор, поради кој Бугарија нѐ блокира за почеток на преговорите.

Меѓутоа, добро е што Европската Унија се обидува повторно да се фокусира на Западниот Балкан и при тоа го држи во фокусот, во фокусот на фокусот нашето прашање. Бидејќи објективно, знаете дека ние одамна ги исполнивме сите услови, ова дојде како гром од ведро небо, блокадата од Бугарија, која практично на ланскиот, мартовскиот Совет на Европската Унија даде зелено светло и подоцна почна да ги испоставува овие дополнителни услови.

Да се навратиме на вашето патување овде во Грција, посета полна со симболика би рекла, прв претседател на Северна Македонија што доаѓа во Атина, се сретнавте и со првата жена претседател на Грција. Кои се пораките што ги добивте, но и ги испративте до грчкиот државен врв? Дали би можеле да кажеме дека полека се нормализираат односите меѓу двете земји и влегуваме во некој вид на регуларен ритам како што доликува на две соседни земји?

На двете мои средби, зборувам за овие на највисоко политичко ниво со премиерот и со претседателката, тоа им го порачав од моја страна, реков: би сакал овој тип на посети да стане рутина. Од моментот кога ќе станат рутина значи сосема се нормализирани билатералните односи. Сѐ уште не се, знаете дека не се. Тие, во еден момент, во една прилика на средбата, премиерот Мицотакис ги нарече „сѐ уште свежи рани“ во одредени сегменти на политичкиот спектар во Хеленската Република. Значи тоа постои кај нас, постои отпор, сѐ уште постојат луѓе кои не веруваат во Преспанскиот договор и покрај неговите очигледни придобивки, позитивни ефекти за развојот на државата. Знаете дека во Грција, тука сте со години, тој отпор беше и поголем особено во оние региони кои гравитираат кон границата со нас.

Така што, ќе треба време и јас мислам дека ќе треба едукација на новите генерации, кои треба да се воспитуваат во духот на европската солидарност и толеранција. Секој од нас има свои специфики кои треба да се почитуваат. Тоа почитување не значи непочитување на твоите специфики итн. Европа е создадена од различни нации, различни религии, различни култури, во тоа е убавината на европскиот проект.

Го споменавте отпорот. Отпор имаше и кај Нова демократија како опозиција. Ја знаеме сите позицијата и на актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотаис. Дали можеби во разговорите се чувствуваше тој отпор и тоа нивно противење, неприфаќање, условно кажано, на Договорот од Преспа. Меѓутоа, секако кажуваат дека бидејќи е ратификуван, потпишан и е меѓународен договор тие ќе го почитуваат и ќе го спроведуваат.  

Знаете, јас не би сакал да му направам дополнителни проблеми на премиерот, па да кажам дека кај него имало или немало отпор, меѓутоа од практичното негово поведение и на неговата Влада изминативе година – година и пол јас мислам дека сите можеме да согледаме дека отпор на едно видливо политичко ниво или во тој видлив политички спектар или поле, не постои. Впрочем, не би се реализирала оваа посета ако таков отпор постоеше. Нема задршка кон тоа.

Премиерот Заев беше неколку пати по различни поводи тука, воспостави одлична и лична комуникација со грчкиот премиер. Значи таков отпор не постои, но факт е, ако ме прашувате за тоа и сакате да одиме во таа насока во однос на некои Договори кои чекаат за ратификација во грчкиот Парламент, јасно е дека отпори во делови од владејачката партија постојат. Тоа господинот Мицотакис не го криеше. Рече во оваа политичка констелација не би сакал дополнително да чепкам, ви го спомнав тоа како израз, во тие рани некаде се сѐ уште свежи, не би сакал да го правам тоа и сѐ што сакаме да соработуваме, секаде каде што можеме, без да влегуваме во една парламентарна дебата, во која ќе имаме само политика и ништо друго, нема да има корист за двете држави и двата народи, сѐ друго можеме да правиме вели.

Но, посетата како таква, покажа дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Хеленската Република влегуваат во еден нормален тек. Се разбира ова треба да биде само почеток на еден подолг процес во кој јас очекувам дека динамиката на политички односи на највисоко политичко ниво, премиерско, претседателско, министерско, ќе продолжи да се развива, меѓутоа темпото е ветувачко. Ова што е, да го наречам, почетокот на тоа највисоко политичко ниво, бидејќи зборуваме, не за посета на некаков економски форум или на тркалезна маса, туку за официјална државна посета, мислам дека ветува и она што го чув на вечерата и од грчката претседателка и во официјалните разговори преку денот покажуваат дека кај неа никакви предрасуди и во однос на Преспанскиот договор. Таа е правник, врвен правник, врвен правен авторитет и судија, долги години, долги децении и многу добро знае дека сериозноста на една држава се цени и низ тоа колку ги почитува обврските преземени од претходниците на таа позиција.

На свечената вечера во Претседателската палата упативте покана до Сакеларопулу да ја посети Северна Македонија за да ги запознае нашите убавини. Би можеле набргу претседателката на Грција да ја очекуваме во Скопје на една официјална возвратна посета?

Јас го повторив тоа и на заминување од вечерата и неформално, не само во мојот говор за време на вечерата. Се разбира тоа кабинетите треба да го договараат во наредниот период, меѓутоа начелно постои изразена волја, желба од нејзина страна да ја посети нашата држава. Инаку, таа е родена недалеку од македонско-грчката граница, така што мислам дека ќе биде интересно, не само да ги види природните убавини, туку и во политичкиот дел, дополнително да го скршиме мразот, онаму каде што се уште постои и да покажеме дека е навистина срамота за две држави кои 30 години се, биле претходно и ќе бидат со векови директни соседи, да нема никаква комуникација, да нема никаков документ потпишан, да се гледаме практично преку нишанот на пушката, независно од евроинтеграциите или евроатлантските интеграции, тоа е изгубено време и за многу генерации од двете страни на границата, за двата народи, најмногу за младата генерација.

Ќе се обидеме и за тоа мислам дека имаме и разбирање и ветување од другата страна да го компензираме тој огромен временски простор, кој за жал во меѓувреме беше исполнет само со блокади, со санкции, со лоша политичка реторика, со неразбирање за позицијата на другиот. Преспанскиот договор во таа смисла е навистина револуционерен чин.

До каде сме со Договорот? Беше една од главните теми. Ви побараа ли нешто конкретно грчките соговорници, некој конкретен аспект, нешто што Северна Македонија треба да го имплементира, каде што не постои некаков напредок или пак ние дали побаравме? Ги споменавте и Меморандумите, меѓутоа и Грција не ни има некои многу големи обврски…

Знаете јас и за време на разговорите што ги имав во текот на денот и со премиерот и со претседателката, потенцирав дека најголемиот, за нас најтешкиот дел од тој компромис е завршена работа. Името, како велевме, „ерга омнес“ и внатре и во меѓународните институции е практично имплементирано секаде. Јас пред да дојдам побарав од нашето Министерство за надворешни работи, каков е статусот во сите области во однос на нашите обврски. Зборувам за имплементација на Преспа комплет, бидејќи немаме намера тука да правиме никаква задршка или да блефираме или да правиме по дупли колосек – едно зборувам, друго правам, трето мислам.

Извештајот е околу дваесетина страници, прилично детален во кој може да се види дека ние навистина доследно ги имплементираме сите обврски. Зборувам за симболите од Вергина, зборувам за тие работи кои не треба да ги има или старото име на споменици, на основни училишта, по општини, значи сѐ она што е зацртано по Преспа е договорено, немаше практично никакво, на ова ниво барем на кое што јас бев со моите соговорници, немаше никаков приговор во таа смисла или барање зошто тоа не го направите.

Од наша страна она што ние го побаруваме, а се нивни обврски веќе делумно Ви одговорив во тој дел. Од сообраќајните знаци или патокази, табли од граница наваму, освен на границата, во внатрешноста на територијата, тоа не е завршено, од исти причини, бидејќи зборувајќи за отпорот против Преспа тука во Грција, далеку најголем беше во северните делови на Грција и ден денеска е така, тоа е и на политичко ниво и на ниво на црква, па и на невладини заедници, да не зборам за политичките партии. Практично секоја грчка Влада до сега, па вклучително и оваа, секогаш има некако тенко мнозинство во Парламентот и секојпат за тој што е премиер е многу значајно да ги „има на око“ пратениците од околината на Солун.

Сепак овие се веројатно некои изолирани инциденти, да речеме, изолирани работи кои не спречуваат соработка меѓу двете земји во економија, енергетика и многу други области…

Во тој дел, тука потрошивме најголем дел од нашиот разговор, значи зборувавме за двата проекта, како што е терминалот во Александрополис во близина на грчко-турската граница. Тоа е гасен терминал во кој ние сакаме да имаме одреден процент од сопственоста и станува збор за изградбата на новиот гасовод од Солун до Скопје, кој може само да помогне да бидеме постабилни во енергетската сфера и како што експертите го нарекуваат тоа, да имаме енергетска диверзификација, да не зависиме само едни снабдувачи или од снабдувачи од само една држава, тоа секоја држава во светот денес, водејќи сметка за енергетската стабилност тоа го прави, нема причина тоа да не го правиме. Во тој, да го наречеме меѓународен конзорциум, не се само грчките фирми и грчките стопанственици, туку и неколку американски фирми што му дава одредена и геополитичка димензија и на едниот и на другиот проект.

Освен енергетиката постојат други области што можеби се малку занемарени, а постои капацитет двете земји да ја продлабочат соработката?

Разговаравме на таа тема повторно околу економијата, бидејќи, пред 15-20 години, знаете неколку стратешки објекти во тоа време беа купени од грчки компании, после тоа имаше одредена пауза за како што се развиваше нашиот спор, заземаше поголеми пропорции околу името, така и грчките бизнисмени не радо доаѓаа, не доаѓаа во таков број, во таков интензитет да инвестираат на наша територија. Мислам дека тука има едно повторни будење на грчката деловна заедница и за тоа тие веќе имаат свој соговорник во некои од стопанските комори кои што се на наша територија.

Инаку има еден аспект, кој не е врзан само со економија, само со енергетика, само со пари итн, само со тој тип на развој. Јас мислам дека до сега беше многу запоставен, бев радосен кога чув пред да тргнам, ги нарекуваат младински канцеларии, канцелариите за младинска соработка и комуникација се веќе во преговори во постковид ерата да почнат со конкретни активности на терен. Јас мислам дека младите генерации, кои заради својата возраст најлесно ги надминуваат предрасудите, треба што побрзо да почнат да комуницираат меѓу себе.

Такви канцеларии по Втората светска војна во многу потешки околности од оние што ги имавме ние со Грција беа направени меѓу Германија и Франција и многу придонесоа за зближување на младите генерации и за разбивање на тие стереотипи, дека тој другиот од таму ги има истите грижи како што ги имаш и ти тука, сосема небитно од неговите дополнителни специфики, од која нација од која вера е, практично сите пред се и над сѐ сме луѓе.

Во Грција се чини дека постои единство во надворешната политика, без разлика која партија е на власт или кој е претседател. Дали, според вас би можело да се каже истото и за Северна Македонија?

Никого нема да изненади мојот одговор. Се разбира дека не. За жал, не. Не само во однос на Преспа, еве во однос на бугарското прашање, ние имаме декларација усвоена од Парламентот, после многу натегање усвоивме со поддршка и од Власта и од опозицијата, меѓутоа ако одите точка по точка, сегмент по сегмент, целиот тој македонско-бугарски комплекс на прашања и проблеми, таму власта и опозицијата драстично се разликуваат.

Мене особено ми е криво што опозицијата не смогна сили, слично како грчката некогашна опозиција, денешна власт да каже дека само една реченица: да бевме ние на власт немаше да склучиме таков проблем. Да каже дека договорот не е добар од тие и тие причини, да каже ако ние бидеме на власт утре-задутре како секоја друга сериозна држава, сериозна власт во сериозни држави ние ќе го почитуваме тој договор колку и да е лош. Тоа беа точно зборовите сега овие што ви ги кажувам на грчкиот премиер, вели: Мојот став за Преспа е познат, нашиот став како партија е познат. Не е променет, меѓутоа ние сме сериозна држава, имаме практично скоро два века државност и ние не може да си дозволиме како која партија ќе дојде, за стратешките прашања да имаме различни размислувања од оние кои ни се некогаш и сега најголеми политички опоненти.