Пендаровски: Другата страна го искористи роденденот на Делчев за кревање на тензиите

П
Македонија 06.02.2023. 15:48

Македонија на 4 февруари покажа како се однесува сериозна држава и го положи испитот, за разлика од другата страна која го искористи роденденот на Гоце Делчев за кревање на тензиите, оцени претседателот Стево Пендаровски по средбата со неговата унгарска колешка Каталин Новак во Вила Водно. Според шефот на државата ситуацијата на границата на денот на чествувањето била кристално јасна. Пуштен бил секој добронамерен граѓанин кој сакал да му оддаде почит на македонскиот револуционер , но не и оние со лоша намера да провоцираат и да предизвикаат немири.

– Оние кои се обидоа да ја нападнат полицијата, се разбира, заработија прекршочни пријави и депортација од нашата земја. Секоја европска држава го прави тоа на идентичен начин. Нека ни се јави еден граѓанин на Република Бугарија на кој му било одбиено да влезе во Македонија да одаде почит на гробот на Гоце Делчев, се разбира освен оние кои правеа проблеми за што има и видео снимки, истакна претседателот Пендаровски.

Пендаровски кажа дека не планира средба со бугарскиот претседател Радев по последната декларација која ја усвои бугарскиот Парламент. Според него, таа е домашен фолклор во очи на изборната кампања.

Ова се унилатерални декларации кои до овој момент не добиваат поддршка од никого во Брисел и се разбира дека нема ни да добијат, рече шефот на државата.

Членството на Македонија во ЕУ има клучна улога за стабилноста на регионот и Европа, а Унгарија ќе помогне за забрзување на процесот, порача унгарската претседателка Новак. Таа неодамна имаше средба и со бугарскиот претседател Радев, со цел, како што кажа, да се отстранат пречките за пристапувањето кон ЕУ.

– Во однос на посетата на Бугарија имав цел да се запознам со двете страни и нивните размислувања и нивните интереси и сакавме да придонесеме долгорочно да ги отстраниме сите пречки во натамошниот процес на евроинтеграциите во ЕУ. Се надеваме, дека можеме да ја поздравиме Македонија во ЕУ, ние ќе се обидеме доколку имаме можност да придонесеме овие несогласувања да се расчистат. Сакавме да придонесеме да ги отстраниме сите пречки во натамошниот процес во ЕУ, изјави Новак.

Унгарската претседателка се огради од дадениот азил на експремиерот Никола Груевски. Прашана како ексфункционер кој се гони за криминал и корупција и е на црната американска листа, може да добие азил од земја членка на ЕУ, немаше конкретен одговор и упати дека тоа е надлежност на унгарското праводсутво..

Новак беше пречекана во Вила Водно со највисоки државни и воени почести, а освен со членовите на македонската делегација, помалку невообичаено се запозна и со Рок, „шарпланинецот“ од претседателската вила, но Пендаровски демантираше дека тој ќе биде подарок за гостинката..

По средбата, Пендаровски и Новак се упатија во црквата СВ. Спас каде положија венци на гробот на македонскиот великан Гоце Делчев.

 

 

Стапи на сила забраната на ЕУ за увоз на рускиот енергенс

Стојанов: Што и да покажат безбедносните камери, тоа не е важно

Приватните автобуски превозници добиле совети од Арсовска како да се вратат во сообраќај

Бугарскиот министер Демерџиев бара средба со министерот Спасовски


Останати вести од Македонија

Подкаст

Подкаст