Претседателот Стево Пендаровски денеска упати порака по повод Меѓународниот ден на Франкофонијата – 20 Mарт.
-Денес го одбележуваме Меѓународниот ден на Франкофонијата. За Република Северна Македонија, членството во Меѓународната организација на Франкофонијата е уште една можност преку изучувањето, промоцијата и чествувањето на францускиот јазик да ги афирмираме универзалните вредности на мирот, демократијата, човековите права и соработката меѓу народите, како и мултилингвизмот и културната разновидност. Вредности во кои веруваме и кои ги практикуваме, на национален план и во поширок меѓународен контекст. Вредности кои денес се поскапоцени од кога било порано, вели претседателот во пораката.
Франкофонијата, додава тој, ги проширува нашите хоризонти и ја зајакнува културната размена со светот. Во деновите кога прославуваме 100 години од раѓањето на големиот македонски поет, Ацо Шопов – и самиот франкофон, како и 50 години од основањето на катедрата за македонски јазик во Париз, нагласува претседателот, дополнително ја согледуваме и улогата на францускиот јазик и на Франкофонијата, како благородни сопатници и афирматори на македонскиот јазик и македонската литература и севкупно културно творештво. Таа плодотворна дружба и меѓусебното збогатување имаат своја традиција.
-Да се потрудиме да имаат и иднина, во обединета Европа кон која стремиме и како скапоцен дел од мозаикот на културни разноликости на народите на светот. Célébrons ensemble la Journée mondiale da la Francophonie autour des valeures universelles qui nous inspirent et nous guident vers l’avenir!, пишува претседателот пендаровски во пораката по повод Меѓународниот ден на Франкофонијата – 20 Mарт.