Процесот на вакцинација да се одвива контиунирано до целосна имунизација на населението, а личната одговорност на секој граѓанин е еден од предусловите за побрзо и побезбедно стекнување на колективен имунитет, порачал претседателот на државата Стево Пендаровски при денешната посета на вакциналниот пункт и на Итната медицинска помош во Гостивар.
Директорот на здравствениот дом Јасмин Синани го информирал претседателот за моментално опфатените таргет групи во кои се вакцинираат граѓани над 77 години со постепено намалување на возрасната граница над 60 годишна возраст. Согласно динамиката, дневно се вакцинираат околу 50 граѓани.
За време на посетата, како што соопшти кабинетот на претседателот, Пендаровски разговарал и со медицинските лица задолжени за вакцинација кои истакнале дека процесот се одвива непречено според календарот на имунизација.
Граѓаните кои денеска се вакцинирале упатиле апел до сите граѓани да се вакцинираат бидејќи со тоа, според нив, се спасуваат животи.
Пендаровски ја посетил и службата на Итната медицинска помош каде бил информиран за бројот на интервенции на дневно ниво поврзани со пандемијата, како и за тоа дека медицинскиот персонал е веќе вакциниран со исклучок на оние вработени кои закрепнуваат од Ковид-19.