– Добро е што по девет месеци некомуницирање, се воспостави комуникација со институцијата претседател на Република Северна Македонија, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, кој толку многу недостасува во нашата земја, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски за ДВ, откако како бомба одекна веста соопштена на вчерашниот брифинг во ВМРО-ДПМНЕ: партијата ја одмрзнува комуникацијата со шефот на државата.

По телефонски разговор, на барање на партискиот претседател Христијан Мицкоски, утре ќе се одржи средба помеѓу него и претседателот Стево Пендаровски. Средбата е закажана во вилата „Водно“, каде Мицкоски последен пат беше на 13-ти август 2020 година заедно со дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кога најави замрзнување на односите и комуникацијата со шефот на државата.

Повод за таквата одлука на партијата беше незадоволството што Пендаровски му го даде мандатот за состав на нова влада на Зоран Заев, без претходно да добие уверување за оформено парламентарно мнозинство од 61 пратеник.

– Заклучивме заеднички дека денеска пратеникот Зоран Заев изразил уверување дека ќе работи на создавање на парламентарно мнозинство. Ќе се повикам на неколку изјави на Пендаровски, кој рече дека мандатот ќе го додели откако ќе добие уверување за оформено парламентарно мнозинство. Како второ, ќе се повикам на негова изјава дека ќе ги повика лидерите, а тоа не се случи. И трето, Пендаровски рече дека нема да даде мандат на лица со афери. За жал, Пендаровски денеска во една реченица сето тоа го поби, откако одлучи да му го даде мандатот на Заев, којшто нема парламентарно мнозинство. На тој начин брутално ја приватизираше и ја злоупотреби позицијата, обвини Мицкоски лани во август.

Ако тоа беше повод за замрзнување на комуникацијата, повод за нејзино одмрзнување стана изјавата на Пендаровски дадена во тв-интервју, дека лицата што упаднаа во Собранието на 27-ми април 2017 година не се терористи. Но, според Претседателот, тоа не значи дека тие заслужуваат амнестија за насилството.

– Тоа беше случај без преседан, за рушење на демократијата и уставниот поредок. Сторителите на тоа дело не заслужуваат помилување, а единствен начин да се обнови процесот е само ако се појават нови докази, кои во време на судењето не биле познати, вели за ДВ претседателот Пендаровски.

Тој во изминатиот период добил дел лични писма од осудени за настаните од 27-ми април, и дел доставени преку нивни адвокати, во кои се бара помилување.

Мицкоски не бара нивно помилување од Претседателот. Неговиот став е дека сите што го прекршиле законот и извршиле насилство треба да одговараат.

– Но да одговараат за тоа што го сториле, а не за тоа што не го сториле, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата смета дека тие лица треба да добијат шанса за повторување на судскиот процес (какво што имаше за случаите „Монструм“ и „Сопот“), во кој ќе приложат нови докази. Засега нема информации дали дел од тие докази ќе бидат посочени и на утрешната средба, иако се шпекулира и во таа насока. Покрај пресудите за 27-ми април, теми на утрешната средба Пендаровски -Мицкоски ќе бидат и прашања од актуелната политичко-економска состојба.

Запрашан дали одмрзнатата комуникација на ВМРО-ДПМНЕ со институцијата претседател на државата е знак за зачеток на нова политичка култура, Пендаровски вели: „Ова е враќање на праксата што почна по мојот избор во мај 2019 година, кога главната опозициска партија за првпат го призна изборот на претседател“.

Оценката не е случајна, ако се има предвид дека во историјата на самостојна Македонија сите шефови на државата беа непризнавани.

Целиот текст на ДВ.