Претседателот Стево Пендаровски по повод 2 Август – Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите упати порака во која вели дека е загрижувачки е што денес се уште се живи историските неправди кон нив, како негирањето на геноцидот извршен врз Ромите, расизмот, антициганизмот, говорот на омраза и дискриминацијата чиј интензитет се зголемува, дури и во современите демократски општества.

-Сеќавајќи се и оддавајќи почит на милионите жртви во Втората светска војна, не смееме да заборавиме и на над 4300 деца, жени и мажи Роми, погубени во нацистичкиот логор во Аушвиц-Биркенау. Во тој ужасен период од историјата на сила беа закони кои го обезвреднуваа човековиот живот и вроденото достоинство на различни групи, меѓу кои и на Ромите. Тогашната идеологија овозможуваше експлоатирање на нивниот труд, нечовечки медицински експерименти, присилни стерилизации и на крајот, масовни убиства во логорите на смртта, вели претседателот Пендаровски.

Тој потсетува дека во текот на Втората светска војна се убиени над 500.000 Роми низ Европа и Балканот.

Загрижувачки е што денес се сè уште живи историските неправди кон Ромите – негирањето на геноцидот врз нив, расизмот, антициганизмот, говорот на омраза и дискриминацијата чиј интензитет се зголемува, дури и во современите демократски општества. Сето тоа ги турка Ромите на маргините и ја уназадува борбата за нивните човекови права и слободи. Ромскиот народ е нераскинлив дел од македонскиот општествен мозаик кој ги споделува стремежите и жртвите во борбата за слободно општество. Таа коегзистенција треба да продолжи во духот на солидарноста, хуманоста и меѓусебната почит, нагласува Пендаровски.

Да се сеќаваме, порачува претседателот, на историските факти за најголемото зло во историјата на човештвото преку личните сведоштва на преживеаните.

Но, нагласува Пендаровски, наша должност и наша заедничка историска и цивилизациска одговорност е јавно да се спротивставиме на ваквите појави, за трагедиите од Втората светска војна никогаш да не се повторат“.

По повод Европскиот ден на сеќавање за холокаустот врз Ромите, во Кабинетот на претседателот се одржа комеморативна церемонија на која во дворот беше засадено дрво и беше поставена спомен плоча со натпис „Во чест и сеќавање на жртвите Роми за време на Втората светска војна“. На комеморативниот настан, беа прочитани сведоштва на преживеани припадници на ромската заедница од Втората светска војна.