ПИОМ е во стабилна состојба, пари има и пензиите редовно се исплаќаат, ниту еден денар на граѓаните не е загрозен – напротив, над 300 илјади пензионери за две и пол години добија покачување на пензиите за седум илјади денари, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од СДСМ дека власта предлага законски измени со кои се брише одредбата за уплата на 6% во вториот пензиски столб. Од партијата потенцираат дека опозицијата не се повикува на официјалните податоци од институциите, туку со лаги и манипулации ги заплашува граѓаните дека недостигаат пари.
„СДС имаат замерки и за платите кои не знаат или не сакаат, да ги читаат официјалните податоци и показатели, или пак не им одговара што платите во сите сектори, согласно и со колективни договори, се зголемуваат. Пред некој ден Државниот завод за статистика излезе со официјални податоци за месец септември, според кои реалната нето-плата споредено со септември 2025 година е зголемена на 5,2%“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочуваат и дека пензиите се стабилни, покачени и редовно се исплаќаат, платите се зголемуваат, економијата се стабилизира и заживува, инфлацијата е под контрола и далеку под европскиот просек, а цените на енергенсите се најниски во регионот.
„Од друга страна зборуваат за поскапувања, а не гледаат дека инфлацијата во Македонија е најниска од земјите во регионот и далеку под европскиот просек, а економски раст десетти квартал по ред, откако ВМРО-ДПМНЕ ја предводи владата, е над 3%. А во ек на светска енергетска криза Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со преземените конкретни мерки и активности успева цените на нафтените деривати да ги задржи на најниско ниво од земјите во регионот“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно од СДСМ обвинија дека животниот стандард на граѓаните е сè полош, а семејствата едвај успеваат да ги покријат основните месечни трошоци.
Дополнително, од СДСМ посочија и дека на повидок е скандал, оти на ЕНЕР објавен е предлог-законски измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кои се брише одредбата за уплата на пари во вториот пензиски столб (член 120), во висина од 6%, обвинува СДСМ. Во соопштение од партијата наведуваат дека ова би значело оти сите придонеси остануваат во првиот столб во Фондот.
