Со барање за оставка од претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија почна денешниот протест на пензионерите во Скопје. На протестот има пензионери од сите краишта на земјава.

Пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите, а минималната пензија да биде еднаква на минималната плата. Од Сојузот на здруженија на пензионери не се согласуваат со протестите.

Земам 12.800 денари, не се живее со тие пари. И 3.500 денари се малку, барем 5.000 денари да ни зголемат. Ноќе умирам, дење воскреснувам: не знам каде парите да ги дадам, дали за струја, за вода или за ѓубре. За луксуз, за сирење, за праска, за тие работи треба да пишам крст – порачаа пензионерите од Велес, Штип и од останатите градови, вели пензионер.

Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.

Пензионерите протестираат и пред Министерството за труд и социјална политика каде бараат средба со министерката Јованка Тренчевска.

– Излеговме и допрва ќе излегуваме на протест. Го поминавме цел работен стаж во Република Македонија, а сега земаме пензија од Северна Македонија. Не сме дојдени од старост и лудост, туку од старост и гордост. Не убедуваат дека 78% е рамно на 6%. Денес протестираме за сегашноста, а ни лепат партиски етикети. Не видов тука никој да ја покаже партиската книшка, сега сме единствени, велат тие.

Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови изразувајќи незадоволство од процентуалното зголемување на пензиите.

Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.