Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека пет пациенти повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се во критична состојба. Според него, идната недела ќе започне процесот на враќање во Македонија на други пет пациенти со строго дефиниран протокол.
Протокол за безбеден транспорт на пациентите
Таравари изјави дека првите пет пациенти ќе пристигнат во земјава во среда или четврток. Ќе бидат пречекани од специјализирани медицински екипи и транспортни средства, кои ќе се придржуваат до сите безбедносни мерки. Пациентите најпрво ќе бидат сместени во болниците од кои биле првично отпуштени, каде ќе се направи тријажа и дополнителни лекарски проценки.
„Ќе има специјални екипи кои ќе работат по протокол и ќе ги следат сите информации за здравствената состојба на пациентите. Возилата и собите за прием ќе бидат стерилизирани за да се намали ризикот од инфекции,“ изјави министерот.
Здравствената состојба на пациентите е променлива
Таравари нагласи дека секоја фаза од закрепнувањето носи свои ризици, особено поради можни инфекции. Затоа, пациентите веќе примаат антибиотици како превентивна мерка.
„Состојбата на пациентите може да варира. Досега немаме регистриран ниту еден нов смртен случај, што е позитивен показател,“ додаде Таравари.
Во моментов, 55 пациенти се лекуваат во болниците во Македонија, а 115 се хоспитализирани во странство.
Се подобрува состојбата на повредените од „дискотеката на смртта“
Исписи од македонските болници
Во текот на утрешниот ден, девет пациенти ќе бидат отпуштени од македонските болници, но само откако ќе им бидат завршени сите потребни токсиколошки и психолошки тестирања.
Во моментов, состојбата во македонските здравствени установи е следна:
Клинички центар – 27 пациенти
ГОБ „8 Септември“ – 10 пациенти
Градска општа болница – 10 пациенти
Приватни клиники – 8 пациенти
Таравари: Здравствениот систем успешно се справи со кризата
Министерот за здравство нагласи дека македонскиот здравствен систем успеал да се справи со оваа кризна состојба, иако има одредени слабости.
„Фактот што веќе седум дена немаме нови жртви зборува за посветеноста на медицинските тимови. Но, оваа трагедија е јасен сигнал дека мора да се инвестира во здравствениот сектор и да се подобрат капацитетите,“ истакна Таравари.
Процесот на враќање на пациентите ќе се одвива во соработка со Министерството за надворешни работи и меѓународните институции.
Извор: Миа