Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, бугарските интереси се единствените водечки интереси за „Промената продолжува“.

– Јас верувам, не само за Македонија, туку и за целиот Балкан, сите земји мора да бидат дел од ЕУ, истакна Петков, додавајќи дека населението на Балканот изнесува 65 милиони луѓе со слична култура и блиски економии.

Во моментов, според него, Балканот е толку поделен што, како поранешен бизнисмен му било полесно да ја извезува стоката во САД, Австралија и Јапонија, отколку да ја продава во Северна Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора.

– Долгорочно, мора да се каже дека сите овие граници треба да бидат отворени за трговија и економски развој. Но, не може да се надминат фактите дека бугарското малцинство во Македонија треба да има заштитени права. Апсурдно е нашите малцинства, не само во Македонија, туку и во другите земји во регионот да не бидат заштитени, нагласи Петков, додавајќи дека станува збор за брз дијалог и добро формирани работни групи, и со заедничка цел дека просперитетот на Балканот зависи од можностите за правење и постигнување просперитет.

Додека бил времен министер за економија на Бугарија, Петков остварил средба за време на форумот „Три мориња“ со македонскиот заменик министер за економија, и разговарале дека треба да се обидат да воспостават врски меѓу компаниите од двете држави, за да има повеќе клиенти, добавувачи и отворени пазари. Според Петков, тоа е вистинската политика ако сакаме да мислиме за просперитет на Балканот. Кога има добри економски врски, Петков смета дека тоа го намалува ризикот од војни и политички тензии, бидејќи кога луѓето работат заедно, сфаќаат дека другите работи се повеќе политички искривувања.