Копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков, што победи на парламентарните избори во Бугарија и кој е кандидат за иден премиер на Бугарија во интервју за германскиот весник „Шпигел“ во однос на прашањето меѓу Скопје и Софија, вели дека треба да се формираат работни групи и да се остават да преговараат шест месеци, за да не ги одредуваат работите само националистите.
Зошто нема летови и возови меѓу Софија и Скопје? Ајде да зборуваме повеќе за економија отколку за различни толкувања на заедничката историја. Или за учебниците во Македонија во кои се тврди дека Бугарите се фашисти – вели Петков.
Тој за „Шпигел“ оценува дека доколку се даде „зелено светло“ за пристапните преговори веднаш, без дискусија, само ќе ги зајакне националистите во двата табора.
Ние се потпираме на преговори, а не на пропаганда – рече Петков за „Шпигел“.
Годинава во Бугарија трипати имаше парламентарни избори, последните се одржаа на 14 ноември. По нив за составување на новата влада преговараат Промената продолжуваа на Кирил Петков, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.
Во Македонија постојат очекувања дека е можно да се направи пробив во разговорите и земјава да добие датум за почеток на преговорите за влегување во Европската унија на Советот за општи работи кој треба да се одржи на 14 декември.
Бугарија лани го блокираше македонскиот европски напредок со тврдење дека земјава не го почитува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев рече дека инсистираат земјава да преземе конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, во државните и научните институции, во јавните медиуми, потоа да запре фалсификувањето на бугарската култура и историско наследство и особено да се почитуваат правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.