Запоставеното сопствено здравје од страна на граѓаните е причина на која се должи голем дел од високата смртност од корона вирусот во Македонија. Со ваков став излезе на денешната конференција за печат претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски. Тој рече дека е убеден дека сите здравствени работници најдобро се обидуваат да се справат со Ковид-19.
-Во ниеден контекст не можам да кажам дека зголемената смртност е резултат на непочитување на протоколи. Јас сум убеден дека сите здравствени работници според нивните сознанија најдобро се обидуваат да се справат со Ковид-19. Бројките ни се високи, да, но редовно ги споредувам со Словенија, со слична структура на населението и таму и во оваа фаза на пандемијата бројките се редовно над 20, рече докторот.
Тој напомена дека постојат и земји во кои има пониски бројки на починати, но тоа се земји со поразлична здравствена култура од нашата.
-Да, има земји со пониски бројки, но тие земји имаат многу различна здравтсвена култура од нас. Мислам дека голем дел на високата смртност се должи на нашето запоставено здравје, рече Петличковски.
Докторот не објасни на што се должи запоставеното здравје на македонското население.
Инаку, Петличкоски денеска соопшти дека Препораките или протоколот за лекување на корона вирус од денеска и официјално се објавени на страницата на Министерството за здравство, се работи за еден вид водич кој не е обврзувачки.