Бугарија смета дека исполнувањето на договореното во европскиот компромис од 2022 година и натаму е клучно за напредокот на Македонија кон Европската Унија. Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова оцени дека во Скопје во моментов нема доволно политичка волја за спроведување на преземените обврски.
Во интервју за бугарскиот весник „Стандард“, Петрова порача дека конфронтацијата и антибугарската реторика не придонесуваат за напредок во односите меѓу двете земји, туку го оддалечуваат процесот на европска интеграција.
Петрова се осврна и на случувањата од 2022 година, кога, како што вели, била дел од тимот кој ја претставувал бугарската позиција пред Европската Унија. Според неа, Софија тогаш успеала да ги убеди европските партнери да ја прифатат нејзината позиција.
„Европскиот компромис од 2022 година беше голем успех бидејќи беше поддржан од јасен меѓуинституционален консензус во Бугарија“, изјави Петрова.
Таа додаде дека постигнувањето таков консензус било тешко, поради што, според неа, тој му дал дополнителна тежина на договорот.
Бугарската министерка тврди дека Софија не ѝ поставува нови услови на Македонија и дека не бара ништо што би било надвор од веќе воспоставената европска рамка.
Петрова смета дека довербата меѓу двете земји може да се изгради само преку исполнување на преземените обврски и конструктивен пристап кон решавањето на отворените прашања.
Таа ја критикуваше и актуелната реторика во односите меѓу Скопје и Софија. Според неа, конфронтацијата не ѝ помага на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, туку резултира со губење време.
Во интервјуто Петрова се осврна и на случајот со Ива Михајлова. Таа оцени дека ставот на македонските власти во тој случај не остава простор за поголем оптимизам дека во блиска иднина би можело да дојде до посериозен напредок во односите меѓу Македонија и Бугарија.
