На гостувањето во емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија, министерката за одбрана Славјанка Петровска зборуваше и за можната донација на хеликоптери на Украина, пренесува Република.

Сета опрема којашто досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме, рече министерката.

Според министерката за одбрана Славјанка Петровска во стратешкиот одбранбен преглед, кога се правени плановите за трансформација на нашата Армија е утврдено дека согласно нашите цели на способности и НАТО цели на способности борбената компонента во делот на хеликоптерската единица нема веќе да биде дел во функција, а ќе се набавуваат транспортни хеликоптери кои првенствено ќе имаат задача да ги извршуваат потребите на Армијата, меѓутоа ќе бидат оспособени да извршуваат и други задачи од интерес на граѓаните

-Имаме пет понуди од различни компании од различни држави. Договорот ќе биде Влада со Влада и не подлежи на Законот за јавни набавки, рече Петровска во гостувањето во „360 степени“.

Таа додаде дека евалуацијата на понудите ќе биде завршена во април, а допрва ќе се договара начинот на плаќање. Петровска истакна дека ќе се набавуваат осум хеликоптери, а воедно противвоздушниот ракетен систем кој се набавува од Франција е дел од начинот на кој се гарантира безбедноста и е дел од планот за модернизација

-Во 2024 треба да започне испораката на противвоздушниот ракетен систем, бидејќи станува збор за повеќе елементи кои се содржани, истакна министерката.