Во Основниот суд во Охрид денеска треба да започне судскиот процес против Кристијан Корабоски за физичкиот напад врз Сара Георгиевска. Случајот предизвика огромен интерес во јавноста, бурни реакции, како и политички и граѓански протести. Особено голем револт кај граѓаните предизвика првичната одлука на обвинителството да не побара мерка притвор за обвинетиот, со што тој првично беше пуштен да се брани од слобода.
По серијата остри реакции во јавноста, предметот го презеде друг јавен обвинител. Оштетената беше дополнително сослушана, по што надлежните органи побараа, а судот одреди мерка притвор за Корабоски.
Судскиот процес кој започнува денес треба да ги даде сите одговори околу тоа што точно се случило критичната ноќ. Постапката има за цел врз основа на обезбедените материјални докази и сведочења да понуди целосна слика и правна завршница за бројните прашања кои сè уште предизвикуваат шпекулации и вознемиреност во јавноста.
