Во борбата со лажните вести првиот чекор е најважен: не барајте сензација, туку вистина. Информирај се точно, пред да пренесеш лажно, освен ако не си дел од ширењето лажни вести, напиша на Фејсбук министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со ширењето на лажните вести и вчерашната изјава на чешката ЕУ-аналитичка, Јана Јузова.

– Во борбата со лажните вести првиот чекор е најважен: не барајте сензација, туку вистина. Информирај се точно, пред да пренесеш лажно, освен ако не си дел од ширењето лажни вести. Официјален став на една држава, загриженост, (не) подготвеност пренесува или објавува официјално лице, во нашата земја тоа е амбасадорот. А оваа официјална изјава е повеќе од јасна, напиша на Фејсбук министерката Петровска.

Јана Јузова од чешкиот Институт „Еуропеум“ вчера информираше дека нејзините ставови изнесени на завчерашниот форум во организација на Институтот за европска политика не се официјален став на Прага.

– Сакам да разјаснам дека моите коментари беа темелени на моето долгорочно истражување и мислење како аналитичар на политики кој го следи проширувањето на ЕУ и чешката надворешна политика и тие коментари во никој случај не ја претставуваат официјалната политика на Чешка, напиша Јузова на „Твитер“.

Јузова завчера беше онлајн учесник на форумот на ЕПИ, а во своето обраќање рече дека Чешка и земји-членки се вознемирени поради францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.

– Според она што го слушнавме од чешкото МНР тие се многу вознемирени од Франција и Бугарија, а причината е што за предлогот не биле консултирани други земји-членки. Била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина, рече Јузова.