Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска упати остри критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека ги релативизира бугарските позиции и дека е подготвен да направи отстапки во однос на македонските национални интереси.
Петрушевски на прес-конференција изјави дека Филипче покажувал подготвеност да оди и чекор подалеку од поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во исполнувањето на барањата што доаѓаат од Бугарија.
Според него, додека од бугарска страна продолжуваат оспорувањата на македонскиот јазик, историја и идентитет, Филипче ја убедувал јавноста дека нема причина за загриженост.
– Наместо да ги осуди ваквите бугарски позиции, тој ги релативизира и создава простор за нивно прифаќање – рече Петрушевски.
Тој обвини дека за лидерот на СДСМ не постојат црвени линии, национални позиции и државни интереси што не би ги ставил на преговарачка маса доколку процени дека тоа ќе му помогне полесно да дојде до власт.
Петрушевски оцени дека Филипче не ја барал довербата од македонските граѓани, туку поддршката од оние што, како што рече, со години вршат притисок врз Македонија.
– Затоа е најгласен кога треба да се оправдаат бугарските услови, а најтивок кога треба да се бранат македонските позиции – изјави пратеникот.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нема да дозволат повторување на политиките што, според нив, биле спроведувани од претходната власт предводена од СДСМ и Зоран Заев.
Петрушевски истакна дека на државата не ѝ се потребни политичари кои ќе бараат власт преку национални отстапки, туку лидери кои ќе знаат да кажат „не“ кога се загрозени македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.
