Организатор на настанот и овојпат е здружението „King’s of the roads“, чиј претседател Лоренцо Трајановски информираше дека поради почитување на мерките за заштита, изложбата ќе се организира со помал број на учесници.
– Нашата Ретро-кар изложба требаше да се одржи на 13 април, но поради мерките за пандемијата ние бевме принудени да ја одложиме за една недела, т.е истата ќе се одржи сега во недела на 25 април 2021 година. Со членовите на нашиот клуб „King’s of the roads“ имавме состанок и се договоривме сите да се ангажираме околу изложбата која е традиционална, се одржува веќе по петти пат во Делчево. Редарска служба ќе се грижи да нема групирање и да се запази дистанца помеѓу учесниците-истакна Трајановски.
Тој додаде дека на настанот ќе учествуваат сопственици на олдтајмери од повеќе градови во Источна Македонија.
– Оние кои редовно доаѓаат на овој настан пријавија учество, па така ќе имаме учесници од Штип, Кочани, Велес, Струмица, Виница и други градови. Најавено е учество и на луѓе од Србија, бидејки нема веќе тестови помеѓу жители од двете држави. Пандемијата на спречи да дојдат колегите од Грција и Бугарија, поради што 5-тата „Ретро-кар“ изложба ќе биде од помал обем-информираше Трајановски.
Лоренцо Трајановски кој и самиот е сопственик на музеј на олдтајмери на настанот ќе учествува со дел од неговата колекција. Во моментов, тој поседува околу 17 олдтајмери кои се во возна состојба. Пред некој ден набавил ново БМВ E-30, а во меѓувреме на подарок добил и Цитроен Ами, олдтајмер попознат како „диана“. На учесниците и присутните на претстојното „Ретро-кар“ шоу им порача да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19.
– За време на настанот задолжително ќе се носат маски, а апелирам до учесниците кои ќе дојдат на изложбата да нема групирање и да се одржува потребната дистанца како меѓу присутните така и помеѓу самите возила. По завршувањето на настанот за сите учесниците предвидени се благодарници, како и мали пехари-потенцираше Трајановски.
Од делчевското здружение очекуваат пандемијата да заврши набрзо, по што најавуваат организирање на масовен Балкански „Ретро-кар“ собир кој летово би се одржал во Делчево.