Посетителите на Октоберфест годинава во просек ќе плаќаат 15,61 евро за литар пиво. Тоа е за 2,4 отсто повеќе од лани, но долгорочниот раст на цената е многу поголем од општото поскапување во Германија, предупредува главниот економист на германската UniCredit Bank, Андреас Рис.
Според Рис, кого го цитира германската агенција ДПА, пивото на фестивалот сега чини речиси петпати повеќе отколку во 1985 година. Тогаш посетителите плаќале просечно 3,20 евра за литар, односно приближно една петтина од денешната цена. Тој наведува дека поскапувањето на пивото во тој период изнесува околу 400 отсто, додека потрошувачките цени во Германија пораснале за 120 отсто.
Годинашното зголемување на цената на пивото, сепак, е под очекуваната стапка на инфлација во Германија од три отсто. Рис смета дека растот на цените на Октоберфест можеби го достигнал врвот, посочувајќи дека високите цени обично се знак на слаба побарувачка. Но, иронично додаде: „Дали би се обложиле на следната миса на тоа? Веројатно не.“
Фестивалот во Минхен почнува в сабота, кога градоначалникот Доминик Краузе ќе го отвори првото буре. Од 19 септември до 4 октомври се очекуваат милиони посетители од целиот свет. Пивото се служи во литарски кригли, локално познати како „миса“, а неговата цена со години е една од главните теми околу фестивалот, особено по наглите поскапувања во последниот период.
Октоберфест се смета за најголемиот фестивал на пиво во светот. Тој е еден од најпопуларните настани во Германија, важен дел од баварската култура и годишно носи повеќе од една милијарда евра во локалната економија.
