Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тајно форсира сензационален и контроверзен план за целосно рестартирање на продажбата на рускиот природен гас во Европа преку гасоводите во Украина, открива угледниот „Волстрит џурнал“.

Според високи дипломатски извори, Вашингтон сака под итно, уште пред налетот на претстојната зима, да ги запри воените удари врз енергетската инфраструктура и да ја врати Москва на европскиот пазар. Но, зад оваа мирнодопска иницијатива се крие огромен финансиски интерес: во идејата се вклучени американски посредници и инвеститори кои би ја презеле продажбата на рускиот гас, остварувајќи астрономски профити. Главните преговори на терен во Москва и Киев веќе ги воделе лично специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Според предлогот на Белата куќа, парите од продажбата на гасот би се депонирале на посебни сметки во трета земја, додека Украина повторно би наплаќала милионски транзитни такси за транспортот кон Словачка и Австрија. Сепак, овој план наиде на брутален и отворен отпор во Брисел. Европските лидери, предводени од еврокомесарот за енергетика Ден Јергенсен, порачаа дека забраната за руски гас мора да остане трајна и дека продолжувањето на купувањето енергенси од Москва е целосно спротивно на сите европски принципи, дури и ако утре се потпише мир.

Додека преговорите за енергетско примирје се закажани за средината на ноември во Абу Даби, Киев ги обнови бруталните напади со дронови врз руските рафинерии, а Москва сè уште молчи и не ги прифаќа американските услови, што го прави овој енергетски трилер на Трамп една од најризичните геополитички игри на деценијата.