Фудбалската репрезентација на Македонија до 17 години продолжува да бележи одлични резултати и да ја радува нацијата.

Нашите млади фудбалски надежи остварија минимален, но злато вреден триумф над селекцијата на Сан Марино, со што и математички го обезбедија пласманот во престижната Лига А, односно втората квалификациска фаза за Европското првенство во 2027 година.

Избраниците на селекторот Иљами Исејни го запишаа и вториот триумф во Групата 11, стигнувајќи до максимални шест бода.

Пласманот во повисокиот ранг беше потврден и откако домаќинот Турција со убедливи 4-0 ја совлада Унгарија, што значи дека Македонија и Турција заедно патуваат во елитната фаза од квалификациите.

Натпреварот против Сан Марино беше тврд и бараше трпеливост од нашите фудбалери кои постојано ја имаа иницијативата, но отпорот на противникот беше скршен дури во второто полувреме.

Апсолутен херој на македонската репрезентација повторно беше суперталентираниот Стефан Ристиќ. Напаѓачот кој настапува во младинскиот погон на белградски Партизан го постигна единствениот погодок на натпреварот во 58-та минута, одлично реагирајќи по перфектната асистенција на Александар Полимец.

На македонските надежи им преостанува уште еден предизвик во групната фаза. На 17 ноември „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со домаќинот Турција во последното коло.