Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер истакна дека наставниците во март следната година треба да добијат ново зголемување на платите од 7,5 до 10 проценти, во зависност од буџетските можности. Таа посочи дека во изминатиот период платите на наставниците се зголемени за околу 20 проценти.

Јаневска се осврна на соработката со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кој го оцени како важен социјален партнер на Министерството. Таа посочи дека во изминатите две и пол години односите биле коректни, а како особено значаен резултат го издвои потпишувањето четиригодишен договор за редовно зголемување на платите на наставниците.

„СОНК е наш социјален партнер и досега во овој двоиполгодишен период сме имале коректни односи. Според мене, големиот успех е што со СОНК потпишавме четиригодишен договор за редовно покачување на платата на наставниците секоја година“, истакна Јаневска.

Министерката информираше дека досегашните покачувања изнесуваат околу 20 проценти, а следното зголемување е планирано за март.

„Во овој период ние ја покачивме платата на наставниците за 20-тина проценти и следното покачување ќе биде во март. Ќе биде 7,5 до 10 проценти, во зависност од тоа какви ќе бидат буџетските можности“, рече министерката.

Јаневска изрази уверување дека со новото раководство на СОНК ќе продолжи досегашната соработка и дека синдикатот ќе успее да ги реализира своите проекти и планови.

Таа нагласи дека одржувањето на добри односи со синдикатот е важно за продолжување на дијалогот и за унапредување на положбата на наставниците, особено во делот на платите и условите за работа.

„Верувам дека СОНК со новото раководство ќе ги остварува своите проекти и планови и дека и натаму ќе имаме добра соработка, затоа што е важно“, порача Јаневска во гостувањето на Радио Лидер.