Наместо убав и функционален простор во кој децата си играат, возрасните се дружат, а домашните миленици се водат на прошетка, плоштадот „Делфина“ во Влае повторно сведочи за несовесност и вандализам.
Утрово жителите на населбата беа сведоци на тажна слика – уште еднаш некој одлучил да го уништи она што е ново и убаво. Очигледно на некого му пречи граѓаните да уживаат во уреден јавен простор, па се што се гради или подобрува, наскоро станува цел на уништување.

Ова не е првпат. Претходно, „жртва“ на вандалите беше специјалниот метален контејнер наменет за собирање на токсичен отпад – батерии, акумулатори и делови од електронски уреди, кој не смее да се фрла со обичниот отпад. Контејнерот беше обиен, плакатите за неговата намена искинати, а токсичниот отпад расфрлан наоколу.

Како што сведочат жителите на Влае, малолетници често се собираат на плоштадот во ноќните часови и уништуваат сè што им дојде пред раце. Неодамна нивна мета беа и детските лулашки и клупите.

