По 300 евра казна, протерување и забрана за влез во Македонија во траење од три години. Ова е пресудата на Основниот суд во Крива Паланка изречена вечерва за тројцата бугарски државјани кои денеска беа приведени на граничниот премин со Бугарија, Деве Баир.
Според информациите што „360 степени“ ги доби од Министерството за внатрешни работи, тројцата претходно, доцна попладнево, биле изведени пред судија на претходна постапка.
Инаку, полицијата денеска со часови на Деве Баир пропушташе само итни случаи зашто, како што информираше, паднал системот за проверки. Ова предизвика тензии и расправии во кои бугарски државјани, поради неможноста да ја преминат границата, упатуваа навреди и недолично се однесуваа кон македонската гранична полиција. При инцидентот беа уапсени три лица.
„Околу 12:45 часот на граничниот премин Деве Баир дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на Г.З (35), А.Х (50) и Р.Х (54), бугарски државјани кои најпрво вербално, дрско и недолично со најпогрдни зборови се однесувале, а потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства, при што се приведени и се работи на целосно расчистување на случајот“,соопшти полицијата.