-Посмртните останки на загинатите граѓани во автобуската несреќа во Бугарија после нивниот транспорт на аеродромот во Скопје, веднаш ќе бидат упатени кон нивните домови и вечни почивалишта.
Оваа измена доаѓа согласно барањата на дел од семејствата на загинатите, а со цел телата да бидат предадени пред петочната молитва.
За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, се уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот, велат од МНР.
-Веќе се идентификувани сите 45 жртви на автобусот што се запали на автопатот Струма, а нивната идентификација е направена со ДНК профили, изјави заменик-главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов вчера за БТА.
Со указ на јавниот обвинител, информира тој, дадено е одобрение посмртните останки на жртвите да им бидат предадени на претставници на Владата на Република Македонија за транспорт и трансфер на нивните роднини.
Невладиниот бугарски Институт за безбедност на патиштата во меѓувреме задолжи меѓународен ревизор да изврши непристрасна стручна проверка на состојбата на патиштата пред тешката несреќа на автопатот Струма, во која загинаа 45 – те македонски државјани.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, при увидот констатирано е дека заштитните огради не се поставени во согласност со барањата. На подрачјето на сообраќајната несреќа се случиле бројни несреќи при што биле оштетени заштитните огради. Во овој случај, имало повторно инсталирање на објектот во средната разделна лента. Од Институтот за безбедност на патиштата сугерираат дека на истото подрачје можеби имало и претходна сообраќајна несреќа. Приклучокот на заштитната ограда бил неправилно монтиран со две наместо со четири завртки, како што требало. Ова е, наведуваат, причината поради која заштитната ограда се скинала и покрај малата брзина со која удрил автобусот.
-Кобната делница на „Струма“ е пуштена во употреба пред 20 години без Акт 16. Утврдено е и дека недостасуваат знаци и дека има оштетени ознаки. Испратен е извештај и до Агенцијата за патна инфраструктура, а оваа информација треба да биде проверена од истражните органи на Бугарија, велат од невладината организација.
Во меѓувреме, вчера обвинителот Бисер Михаилов и истражителот Маријан Маринов, кои работат на расветлување на трагедијата, изјавија за БТВ, дека е позната причината за пожарот и локацијата на неговиот првичен извор во автобусот со македонски туристи на враќање од Истанбул.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Маријан Маринов одбил да ја открие причината за пожарот и рекол дека „ќе им остави на експертите“ кои веќе имаат свои „тези“. Но, истражителот коментира дека во македонскиот автобус било „нанижано“ големо парче заштитна ограда за гумата до влезната врата, била пронајдена „свиткана хармоника“ и „уништена е пластичната цистерна“.