Претседателот Александар Вучиќ соопшти дека е можно 13-годишниот убиец што направи масакр во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, кој сега е сместено во посебен дел на Клиниката за невропсихијатрија, да знаел дека не е кривично одговорен, пренесува Плусинфо.

Денеска е еден од најтешките денови во модерната историја на земјата, изјави вечерва претседателот на Србија Александар Вучиќ, во обраќањето до нацијата по трагедијата што се случи во училиште во Белград.

– Изразувам сочувство до семејствата на убиените деца, децата и семејството на убиениот работник во училиштето. Србија е обединета во тагата, таа тага е толку голема што не се сеќаваме на поголема. Кога сме обединети во тагата, мора да ја гледаме нашата одговорност и да бараме решенија за вакво нешто, колку и да е непредвидливо, никогаш да не се повтори – рече тој.

Вучиќ предложи да се воведе мораториум за чување и носење оружје во наредните две години, освен за ловечко оружје. Потоа, да се контролира работата на сите стрелишта, да се изврши ревизија на сите издадени дозволи и да се контролира начинот на кој лицата го чуваат оружјето.

– Мојот предлог е да се намали лимитот за кривична одговорност од 14 на 12 години – рече Вучиќ и додаде дека постои можност убиецот да знаел дека не може кривично и законски да одговара.

Вучиќ рече дека момчето кое го извршило кривичното дело е во специјално одделение на Kлиниката за невропсихијатрија.