Кочанските доброволни пожарникари од ДПД – Кочани кои денеска учествуваа во гаснењето на големиот пожар на територија на три општини Чешиново- Облешево, Кочани и Пробиштип упатија апел до неодговорните граѓани да не палат оган на отворено и стрништа, бидејќи загрозуваат нечии домови, но се трошат и човечки и материјални ресурси на локалните и државни институции.

Претседателот на ДПД – Кочани Златко Илијев вели дека во гаснењето беа вклучени 12 доброволни пожарникари, со три возила.

-Сакам да порачам дека ова е втор голем пожар на истата локација и упатувам апел до сите несовесни граѓани, морам да напоменам несовесни граѓани, кои сметаат дека со палење ќе си ја завршат својата лична работа, притоа не сметајќи колкави се загубите кои ги прават, колку луѓе се ангажираат, колку го загрозуваат био и животинскиот свет. Мислам дека ова е крајно несериозно и треба да завршиме со ова тука и сега. Ве замолувам најдете алтернативни решенија за да не се загрозуваме ниту ние, ниту животинскиот и био свет, изјави Илијев.

Посочи дека на помош им дошле и доброволните пожарникари од Пехчево.

МИА претходно информираше дека пожарот е пријавен синоќа во 22 часот во ТППЕ-Кочани во близина на селото Лепопелци, по што зафати сува трева, грмушки и шума на територија на три општини Чешиново-Облешево, Пробиштип и Кочани.

Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов заедно со пожарот од пред десет дена опожарени се околу 250 хектари. Во неговото гаснење беа мобилизирани пожарникарите од ТППЕ – Кочани и Пробиштип, доброволните пожарникари од Кочани и Пехчево, а од воздух и ер тракторот на ДЗС и два полициски хеликоптери. Пожарот е изгаснат, откако заврна дожд.