Божикниот пост претставува духовен подвиг чија основа настанала врз постот спроти празникот Богојавление, кој во Црквата започнал да се празнува уште од третиот век, а веќе во четвртиот век бил раздвоен на празниците Рождество Христово и Крштение Господово. Постот започнува на 15 односно 28 ноември и трае непрекинато сè до 25 декември односно 7 јануари. Бидејќи трае точно 40 дена, овој период во црковниот Типикон, исто како и Великиот пост, се означува со називот Четириесетница.
„Постот на Божикната Четириесетница го изобразува постот на Мојсеј, кој откако постел 40 денови и 40 ноќи, ги добил на камени табли Божјите заповеди. А ние, постејќи 40 денови, го созерцуваме и го примаме живото Слово од Дева, изобразено не на камења, туку воплотено и родено, и се приопштуваме на Неговата Божествена плот“, запишал Симеон Солунски.
Самиот Божикен пост е востановен со цел верниците да се очистат пред празникот на Рождеството Христово преку постојано покајание, молитва и телесен пост. На тој начин, со чисто срце, душа и тело, верниците со благоговение го пречекуваат Божјиот Син кој слезе меѓу луѓето, принесувајќи му ја својата непоколеблива решеност да го следат Неговото спасоносно учење.
На овој ден истовремено се чествуваат и светите маченици Гуриј, Самон и Авив. Гуриј и Самон биле угледни граѓани од градот Едеса кои за време на антихристијанските прогони нашле засолниште надвор од градските ѕидини. Таму живееле во непрекинат пост и молитва, давајќи им совети и духовна храброст на верните. По нивното фаќање, двајцата биле изведени пред локалниот судија, кој им се заканувал со погубување доколку одбијат да им се поклонат на паганските идоли.
„Ако ѝ се покориме на царската наредба ќе пропаднеме дури и ако ти не нè убиеш“, гласел одговорот на светите маченици до судијата.
По изречените закани, тие биле подложени на тешки мачења и фрлени во затвор каде трпеле глад, темнина и тегоби од 1 август до 10 ноември. Потоа повторно биле мачени и бидејќи останале целосно непоколебливи во верата, биле погубени со меч во 322 година, во периодот на владеењето на царот Ликиниј. По нив, маченички пострадал и едескиот ѓакон Авив, кој својот живот го завршил во оган, по што неговата мајка го положила неговото тело во заедничкиот гроб со Гуриј и Самон. По завршувањето на прогонот, локалните христијани изградиле црква каде биле положени нивните мошти, кои се прочуле по чудотворни исцеленија, меѓу кои и спасувањето на измамената девојка од Едеса која жива била закопана во гроб од страна на еден готски војник.
Православниот календар денес го одбележува и споменот на светите маченици Елпидиј, Маркел и Евстохиј, кои пострадале за време на владеењето на императорот Јулијан Отстапник. Елпидиј, кој бил сенатор, преку своето сведоштво и претрпените маки поттикнал шест илјади незнабошци да поверуваат во христијанската вистина.
Денеска се празнува и иконата на Пресвета Богородица Купјатицка, која според преданието првпат му се јавила на девојчето Ана во селото Купјатич во 1182 година во Минската губернија. Дрвениот крст со ликот на Богородица неколкупати на чудесен начин исчезнувал од домот и повторно се појавувал во шумата, по што селаните на тоа место изградиле црква. Иконата, која низ вековите се прочула по бројни чуда, денес се чува во соборниот храм Света Софија во Киев.
Црквата го чествува и преподобниот Паисиј Величковски, кој духовното знаење го стекнал на Света Гора, возобновувајќи го Илинскиот скит при манастирот Пантократор каде со браќата изградил црква, трпезарија и ќелии. Паисиј дење рачно изработувал лажици, а ноќе спиел најмногу три часа, посветувајќи се на преведување на светоотачките книги од старогрчки на словенски јазик. Поради османлиските финансиски притисоци, со братството се преселил во Молдавија, каде во манастирот Њамц го развил старческиот опит и го обновил монаштвото, оставајќи зад себе преводи на дела како „Добротољубие“, „Лествица“ и поуките на Исаак Сирин. Старецот се упокоил во длабока старост на 28 ноември 1794 година по кусо боледување.
