Ова е почеток на реализација на една визија што треба да значи далеку поефикасен јавен превоз, поголема заштита на животната средина, намалување на загадувањето и поголема мобилност на жителите на Градот Скопје и сите општини што гравитираат околу него, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски откако со Градскиот воз, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“ и нивни вработени, придружувани од медиуми, пристигна во Скопје од железничката станица во Зелениково.
Со симобличното возење беше означено пуштањето на првата фаза од Градскиот воз, чија реализација, како што напомена Николоски, е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се рализираат проекти.
– Ова е доказ дека она што до пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, повторно се враќа во живот. Ако до пред две години имавме целосно напуштени пруги, затворени железнички станици кои се распаѓаат, нефукнционални возови и локомотиви, денес имаме јасен и активен карго превоз, а од вчера имаме и Градски воз. Ветивме дека ќе почне на 1 септември и така се случи. Се надевам дека Градскиот воз ќе им помогне многу и на учениците и на средноколците, и на луѓето кои сакаат да дојдат до своите работни места и на пензионерите, истакна министерот.
