Нешто повеќе од една година од смртта на Диего Марадона (60) неговиот помлад брат Хуго (52) почина како последица на застој на срцето, соопшти денеска италијанскиот фудбалски прволигаш Наполи.
– Почина Хуго Марадона, објави Наполи во краткото соопштение, потврдувајќи ја информацијата во италијанските медиуми дека причина за смртта е застој на срцето.
„Ел Турко“ како што гласеше неговиот прекар, Хуго Марадона живееше во Монте ди Прочиди, 15 километри западно од Неапол.
Хуго како и славниот Диего и нивниот брат Раул беше фудбалер, но неговата кариера не беше толку плодна. Беше дел од аргентинската кадетска репрезентација, а со 18 години потпиша за Наполи, но набрзо беше позајмен во Асколи. Две сезони играше за шпански Рајо Ваљекано, една сезона мина во австриски Рапид, а настапуваше и за екипи во Јужна Америка, Јапонија и Канада.
Кариерата ја заврши во 1999 година по што беше тренер на аматерско и младинско ниво.
За разлика од својот прославен брат, Хуго живееше мирен живот, а беше татко на три деца.