Легендарниот актер и режисер Роберт Дувал почина на 95-годишна возраст

 

Легендарниот актер и режисер Роберт Дувал почина на 95-годишна возраст. Неговата сопруга Лусијана, со која беше во брак повеќе од две децении, ја соопшти веста преку објава на Фејсбук. Таа напиша дека тој починал во неделата, мирно во својот дом, опкружен со љубов и спокој.

– Вчера се простивме од мојот сакан сопруг, драг пријател и еден од најголемите актери на нашето време. Боб замина мирно, дома, опкружен со љубов и топлина. За светот тој беше добитник на Оскар, режисер и раскажувач на приказни. За мене, тој беше сè – напиша таа.

Таа додаде дека неговата страст кон актерството била еднакво силна како и љубовта кон ликовите што ги толкувал, кон добрата трпеза и кон разговорите во друштво.

Филмскиот пат го започна во 1962 година со улога во „Да се убие птицата подбивница“, а потоа следуваа низа улоги што ја освоија критиката и публиката.

Во текот на кариерата доби бројни награди и номинации. Единствениот Оскар го освои во 1984 година за улогата во драмата „Нежни милости“ од 1983 година, каде го толкуваше ликот на кантри-пејач во животна криза. Меѓу неговите најпознати улоги се Том Хејген, советникот на Вито Корлеоне, во „Кум“ и „Кум 2“, како и потполковникот Бил Килгор во „Апокалипса сега“.

Во подоцнежните години беше поретко присутен на филмското платно, но признанијата не изостанаа. Во 2015 година, на 84-годишна возраст, ја доби својата седма номинација за Оскар за улогата во филмот „Судијата“.

Дувал се женеше четирипати, но никогаш не стана татко.