На 88-годишна возраст утрово ненадејно почина поранешниот премиер на Грција и поранешен лидер на ПАСОК Костас Симитис, кој за време на неговите два мандати ја внесе земјата во еврозоната. Тој, воедно беше и првиот грчки премиер што во 2000 година го посети Скопје за Конференцијата на балканските земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Симитис беше премиер во периодот од јануари 1996 до март 2004 година, а меѓу најважните успеси е членството на Грција во еврозоната, додека неговиот осумгодишен премиерски мандат беше поврзан и со големите инфраструктурни проекти за подготовка на Олимписките игри во Атина во 2004 година и интеграцијата на Кипар во Европската унија.

На крајот од октомври 2000 година, како премиер на Грција го посети Скопје за време на Конференцијата на балканските земји и се сретна со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, а според натписите во медиумите од тој период, претседателите на двете влади, тогаш интензивно разговарале за постигнување решение за името, додека „Република Горна Македонија“, бил предлогот што бил на маса.

Како поранешен премиер, тој често ја истакнуваше потребата за изнаоѓање решение на спорот меѓу двете земји, меѓутоа за Договорот од Преспа, при еден од неговите говори во Солун рече дека „проблемот требаше да се реши, но решението не е задоволително“.

Симитис во Грција се сметаше за умерен политичар и е меѓу најважните премиери на земјата.

Во неговата политичка кариера, пред да стане премиер, беше министер за финансии, за трговија, за образование, за индустрија и енергија, додека пак речиси 24 години (од 1985 до 2009) беше пратеник во грчкиот Парламент.

Симитис, според грчките медиуми, немал здравствени проблеми, синоќа пристигнал во неговата викендичка на Пелопонез, додека пак рано утрово во бесвесна состојба со возило на брза помош бил пренесен во болница, каде што била констатирана смрт.

Пораки со сочувство упатија грчката претседателка, грчкиот премиер, лидерот на ПАСОК, како и претседателите на опозициските партии, а со одлука на Владата ќе биде прогласена четиридневна национална жалост.

Мицотакис во писмената изјава рече дека „со тага и почит“ се збогува со Костас Симитис, „премиерот кој ја придружуваше Грција во нејзините големи национални чекори: влезот во еврозоната и еврото и влезот на Кипар во Европа, личност која, несомнено, остава свој белег на настаните во земјата во последните децении“.