Американскиот претседател Џо Бајден го одреди 1 мај како официјален почеток на повлекувањето на преостанатите сили – околу 2.500-3.500 американски војници и околу 7.000 војници на НАТО.
Војската направи попис на инвентарот, одлучувајќи што ќе се врати во САД, што ќе им биде предадено на авганистанските безбедносни сили и што ќе се продава на пазарите во Авганистан. Во последниве недели војската ја изнесуваше опремата од земјата со масивни товарни авиони Ц-17.
Се проценува дека САД во изминатите две децении потрошиле повеќе од 2.000 милијарди долари во Авганистан, според проектот „Воени трошоци“ на Универзитетот Браун, кој ги документира скриените трошоци на американскиот воен ангажман.
Претставници на Министерството за одбрана и дипломати изјавија дека повлекувањето подразбирало затворање на помалите бази минатата година, но дека откако Бајден кон средината на април најави повлекување на крајот на летото, само околу 60 воени лица ја напуштија земјата.
САД и нивните сојузници од НАТО заедно влегоа во Авганистан на 7 октомври 2001 година, за да ги заробат водачите на Ал Каеда, организатори на терористичките напади на 11 септември во Њујорк и Вашингтон, кои живееја под заштита на талибанците во земјата.