Во Основниот суд Тетово денеска започна судењето за малолетната 17-годишна девојка која во декември 2022 година беше обвинета од Обвинителството како осомничена за убиство на 16-годишно момче во месноста Бањиче.

-Главната расправа е завршена и дополнително ќе биде изречена пресудата. Осомниченото женско лице се товари за убиство, информираа од Основен суд Тетово.

Адвокатот Ибраим Бајрами, кој учествуваше денеска во процесот како бранител на осомничен,а по завршување на рочиштето пред новинарите истакна дека детали од ова судење со одлука на судот нема да бидат изнесени пред јавноста.

-По наредба на судот за кривичните предмети кои што се водат против малолетници, каде што жртви се малолетници не се дозволени изнесување на било какви околности за настанот на кривичните постапки. Поради тоа сметам дека оваа одредба од членот 99 од Закон за права на деца треба и вие да го анализирате и согласно тоа да вршите известувања и да побарате посебна дозвола од судот, судијата за деца, кој што одлулува кој дел од постапките е возможно да бидат предмет на јавен интерес, изјави адвокатот Ибраим Бајрами.

На 22 декември 2022 полицијата информираше дека безживотното тело на 16-годишното момче беше најдено во реката Пена кај месноста Бањиче близу Тетово. По увидот и започната истрага, тетовското обвинителство до Основниот суд на 23 декември поднесе барање за подготвителна постапка поради сомнение за сторено убиство, за осомничена 17-годишна девојка од селото Рогле, Општина Желино. Воедно за осомничената беше определена и мерка притвор. Убиениот малолетник е од Ново Село.