Ова е трета средба на Заев со претставници на албанската опизиција – Алијанса за Албанците и Алтернатива и треба да се разговара за законот за државјанство и решавање на проблемот со немањето државјанство на одреден број граѓани, како и за одблокирање на работата на Собранието.
На средбата присуствуваат и министерот и заменик-министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Назим Буши, пратеничката Илире Дути од Алијанса за Албанците, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, кој е од редовите на БЕСА.
Премиерот Зоран Заев во понеделникот по средбата во Собранието со лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, изјави дека имале успешен напредок и сериозен исчекор во разговорите, истакнувајќи дека до крајот на неделава на основа на анализата која експертите ќе ја направат, ќе може да се финишира со законското решение за државјанствата. И претседателот на АА Села истакна дека се на добар пат се да се најде заедничко решение во врска со законот за државјанство.