Македонската радио-телевизија денеска ги промовираше песната „Идната јас“ и нејзиниот официјален видеозапис, со кои Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026 во Малта.

„Идната јас“ е песна со силна и инспиративна порака за вербата во себе, детските соништа и храброста да останеме доследни на себеси додека растеме и го бараме сопствениот пат, велат од МРТ.

Автор на музиката е Николче Мицевски, додека текстот го потпишува Илчо Нечовски. Официјалниот видеозапис е реализиран во продукција на Македонската радио-телевизија и, како што велат оттаму, преку динамичен, колоритен и младешки визуелен израз ја надополнува пораката на песната.

Ана Стојаноска доаѓа од Струга и уште од најрана возраст ја покажува својата љубов кон музиката и пеењето.

Со својот препознатлив глас, енергија и искреност, таа ќе ја пренесе пораката на „Идната јас“ пред европската публика, велат од МРТ.

На сцената во Малта, Ана ќе настапи заедно со танчерките Калина, Каја и Елена. За кореографијата е задолжен Илија Карадакоски, а македонската делегација ја предводи шефот на делегацијата, Дијана Гогова.

Македонскиот тим во следниот период продолжува со интензивни подготовки за сценскиот настап и за достоинствено претставување на земјата пред европската публика, велат од МРТ.

Јуниорскиот Евросонг 2026 ќе се одржи на 24 октомври во Малта. Македонската радио-телевизија ќе врши директен пренос од настанот со почеток од 21:00 часот на МРТ1.