Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на 75 дијалог-сесија на Националната конвенција за Европската унија во Македонија (НКЕУ-МК), при што порача дека наместо декларативни заложби, во земјава е потребно вистинско и конкретно работење за имплементација на европските вредности и стандарди.
Обраќајќи им се на амбасадорите, европските претставници и експертите, Тошковски посочи дека е време Македонија со конкретни резултати и проекти да покаже дека е посветена на евроинтегративниот пат. Според него, секоја институција, организација и поединец треба да дадат личен пример во тој процес.
– Мислам дека е крајно време во Македонија, освен тоа што говориме дека сме посветени на патот кон евроинтеграциите и дека сакаме да бидеме дел од европското семејство, говориме за европски вредности, малку да почнеме и да поработиме на тие европски вредности – порача Тошковски во своето обраќање на сесијата посветена на темата „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес на Република Македонија: Од „темелите“ и пошироко“.
Тој додаде дека сите, без разлика на сферата во која дејствуваат, треба со конкретни резултати и личен пример да покажат дека се залагаат за европските вредности.
– Да покажеме со конкретни резултати, со конкретни проекти, да покажеме со конкретни дела, со личен пример и да покажеме со пример во рамките на институцијата во која сме, да покажеме со личен пример во рамките на невладината организација во која сме, да покажеме со личен пример во рамките на обвинителството, да покажеме со личен пример во рамките на судството, да покажеме со личен пример во рамките на општините, да покажеме со личен пример во рамките на секоја една институција – порача Тошковски.
Министерот нагласи дека е добро да постои поддршка од сите релевантни чинители и да се соработува со нив, но напомена дека принципите на праведност и правичност што важат за другите треба да важат и за Македонија.
– Добро е да соработуваме. Добро е да вложуваме во нашиот европски пат, но добро е принципите на нормалност, праведност, правичност, право, правда, еднаквост, реципроцитет, исполнителност и така натаму, кои се дел од основните принципи во рамките на еден нормален правен поредок, како што важат за останатите, така да важат и за нас – рече Тошковски.
Тој се осврна и на досегашните искуства на земјата во односите со меѓународните и европските партнери, истакнувајќи ја важноста на заемната почит и признавањето на вложениот труд. Тошковски нагласи дека сите реформи што се спроведуваат пред сè треба да бидат насочени кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.
– Добро е кога во еден процес, кога даваш максимум од себе и притоа чесно и посветено работиш на подобрување на условите во својата држава, тоа да биде признаено – потенцираше министерот за внатрешни работи.
Тој додаде дека проблемите со кои се соочува Македонија не се поврзани исклучиво со правото, правдата, усогласувањето и современите демократски вредности, туку и со други прашања кои, како што рече, за жал, досега се покажале како погубни за Македонија и македонските граѓани.
Во своето излагање, Тошковски посочи дека Македонија во изминатите години често се соочувала со предизвици и неисполнети очекувања на европскиот пат. Сепак, нагласи дека државата успеала да постигне одредени видливи резултати, особено во однос на технолошките придобивки во институциите, за кои, според него, може да послужи како позитивен пример.
Тој истакна дека многупати досега Македонија била во ситуација да биде, како што рече, „излажана во процесот“.
– Кои сме требале да дадеме нешто за да добиеме нешто, а притоа сме дале речиси сè, а многу малку сме добиле од она што сме очекувале и дека треба да го добиеме и она што е праведно и правично.
– Не заради тоа што треба некој да ни донира нешто, не заради тоа што треба некој да ни даде нешто, туку заради тоа што тоа сме го заслужиле, сме го сработиле. Сме дале многу енергија во рамките на тој процес и полека, полека има видливи резултати коишто, за среќа, и во Македонија можеме да покажеме дека функционираат неселективно, со технолошки придобивки и со резултати коишто навистина може и добар дел од европските држави да ни завидат за имплементирањето на одредени проекти.
– Мислам дека крајно време е, со сите овие дискусии, предлози, отворени дебати, професионални вложувања коишто ги имаме сите ние, крајната цел којашто сакаме да ја оствариме – пак ќе повторам – да ја оствариме врз основа на лични примери, врз основа на вложен труд, врз основа на мали, конкретни чекори кои што на крајот би требало да дадат реални резултати – порача министерот за внатрешни работи.
Тошковски упати благодарност до претставниците на граѓанскиот сектор, академската заедница и меѓународните партнери кои со години придонесуваат во реформските процеси.
Тој истакна дека поддршката од европските партнери е од голема важност, но дека главниот товар за спроведувањето на реформите лежи кај домашните институции и граѓаните.
– Ние самите треба да ги засукаме ракавите и да си ја сработиме работата којашто треба да си ја сработиме, а сите многу добро знаеме што треба да направиме. Треба да имплементираме проекти, треба да видиме резултати, сè со цел да оставиме подобра Македонија од онаа што денес ја имаме. Мислам дека нашите деца заслужуваат подобра Македонија од онаа во која што денес живееме – заклучи Тошковски.
