Јубилејното издание ќе биде отворено вечер, со изложба на фотографии и факсимили од животот и делото на македонскиот поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист, Конески, од новинарот и публицист, Мишо Китаноски. На настанот ќе бидат читани стихови од Конески од ученици од основно училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани.

– На изложбата ќе бидат претставени значајни моменти од животот и делото на Блаже Конески, од кои дел се непознати за македонската јавност, информира Китаноски.

Целта на Вевчанското културно лето, според Верица Мукоска, дел од организацискиот одбор, е зачувување на македонското културно наследство.

– Да остане во чест и спомен придонесот на македонскиот великан Блаже Конески, а во Вевчани како културно – туристичко место со богата историја и традиција да продолжат да се организираат вакви настани со цел зачувување и промовирање на македонската литература и уметност, изјави Мукоска, која истовремено е апсолвентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на Катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности

Во рамките на „ВЕВКУЛ 2021“ предвидена е научна трибина посветена на Блаже Конески, на која ќе учествуваат повеќе македонски писатели, професори, македонисти и културни дејци. Според програмата, ќе бидат организирани изложби од академскиот сликар Александар Младеновски и средношколецот Илија Пешиноски, како и промоции на книги од: Ана Витанова – Рингачева, Сузана Мицева, Јованка Денкова, Даниела Андоновска – Трајковска, Весна Мундишевска – Велјановска, Косте Шутиноски и Сашо Бетоски. Најавен е и натпревар во шах меѓу вевчански, струшки и охридски шахисти и велемајсторот Димче Илијевски, а уметникот Живко Поповски – Цветин ќе испрати 100 пораки на своите цртежи со мисли од Блаже Конески.