Над 14.500 матуранти годинава се пријавени за матура

Со денешниот ден завршува наставата за основците и средношколците во учебната 2025/2026 година, по што учениците заминуваат на летен распуст кој ќе трае до 31 август.

За повеќе од 14.500 матуранти наставата заврши уште на 15 мај. Утре, на 11 јуни, оние кои се пријавени за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик – македонски, албански, турски или српски јазик. Кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура овој испит ќе го полагаат на 12 јуни.

Првиот дел од изборниот екстерен предмет матурантите го полагаа на 6 јуни.

Од вкупно 14.587 пријавени ученици, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 се пријавени за државна стручна матура, а 127 кандидати за државна уметничка матура.

Полуматурантите ги очекуваат уписите во средно образование

Во текот на месецов полуматурантите ќе се запишуваат во прва година средно образование.

Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk со посебна најава преку корисничките сметки на schools.mk, по што учениците ќе треба да ја достават потребната документација во училиштата во кои конкурираат.

Во јуни се предвидени два уписни рока. Првото електронско пријавување ќе трае од 12 до 15 јуни, додека второто ќе се реализира на 23 јуни. Во августовскиот рок ќе има едно електронско пријавување, на 20 август.

Според конкурсот на Министерството за образование и наука, во 109 јавни средни училишта се обезбедени повеќе од 25.000 слободни места. Над 17.000 места се предвидени за стручно образование, речиси 6.000 за гимназиско образование, а 570 места за уметничко образование.